Bо кафе-книжарницата „Буква“ во саботата младинската организација за култура „Култура Бета“ го прослави својот четврти роденден. Со претставување на романот „Ронлива“ и разговор со авторката Милена Сиљаноска, 9. Поетска епизода и свирка на „Кенопсија“, „Култура Бета“ одбележа 4 години од своето основање и активна работа на нејзините платформи.
Романот „Ронлива“ е првиот дебитантски роман на младата авторка поетеса и писателка Милена Сиљаноска. „Ронлива“ е поетски роман, роман за книжевноста, испреплетен со многу музика и со многу љубов. Во рамки на преставувањето на „Ронлива“ ќе може да се проследи разговор со авторката Милена Сиљаноска придружен со осврт за романот, а потоа авторката ќе потпишува примероци од него. Настанот ќе го модерира Андреј Медиќ Лазаревски.
9. Поетска епизода беше посветена на ангажираната поезија под мотото „Нешто е гнило (во државата данска?). На ова поетско читање настапија седум поетеси и поети: Виолета Танчева-Златева, Љубица Петровска, Ива Петреска, Благица Трајкоска, Ангела Бошкоска и младите поети Андреј Медиќ Лазаревски и Марија Велинова кои и го модерираа настанот.
„Кеноспија“ е новиот проект на младиот музичар Виктор Стојчевски чиј прв албум излезе минатата година. По промоцијата на романот во октомври во кафе-книжарницата „Буква“, а во соработка со „Култура Бета“, овојпат „Кенопсија“ гостуваа со акустична свирка во дуо формат со Виктор Стојчевски и Мартин Џорлев.
Во текот на целата вечер достапни на продажба беа трите броја од списанието на младинската платформа „Спознавање“.
Со овој настан „Култура Бета“ ја прослави својата работа изминативе четири години и со ова се отвори уште една, нова, петта по ред, година во која здружението планира уште повеќе настани, соработки со локалната и младинска културна сцена, креирање содржини, објавување свои изданија и поткасти.