Бројот на барања за азил во 2023 година е зголемен за 18 отсто на 1.14 милиони, што е најголем број од мигрантската криза во 2015/2016 година, покажуваат најновите податоци на Европската агенција за азил (ЕУАА), пренесува Ал Џазира Балканс.
Новите податоци најверојатно ќе ја влошат веќе вжештената дебата за миграцијата и ќе ја зајакнат крајната десница пред серијата локални и национални избори низ Европа и изборите за Европскиот парламент во јуни.
Најголем број на баратели за азил се Сиријците и Авганистанците, покажуваат податоците на ЕУАА.
Турските државјани ја сочинуваат третата по големина група баратели на азил, кои поднеле 82 отсто повеќе барања отколку пред една година.
Бројот на Палестинци кои поднеле барање за азил поради војната меѓу Израел и Хамас се искачи на рекордни 11.600 лица. Сепак, ЕУАА забележува дека било тешко точно да се регистрира нивниот број бидејќи повеќето земји на ЕУ не ја признаваат Палестина како држава.