Во Кинотеката на Македонија вчера беа прогласени победниците на овогодинешниот 13-ти по ред награден конкурс „Trash for art 2024“, во организација на „Пакомак“.
„Со цел да се мотивираат граѓаните да делуваат креативно и да создаваат уметнички дела од отпад, но и да се подигне јавната свест за паметно управување, селектирање и рециклирање на отпадот, ‘Пакомак’ во соработка со ‘Нула Отпад’ и ‘Пилепска Пиварница’ го организираа и спроведоа овој уникатен и многу значаен конкурс“, велат организаторите.
Конкурсот беше наменет за возрасни и деца кои се натпреваруваа во три категории: градинки, основни училишта и поединци и други институции (средни училишта, факултети, невладини организации и други).
„Воодушевени сме од пристигнатите дела, како од бројноста така и од креативниот потенцијал кој го покажаа нашите сограѓани. И овој пат докажавме дека отпадот може да биде корисен, не само преку овој конкурс, туку и воопшто со сите наши активности. Креативноста не познава граници, но она што ни е особено драго е дека сè повеќе допираме до младите генерации а со тоа и придонесуваме за нивна едукација за паметно управување со отпадот“, изјавија организаторите од „Пакомак“.
Тие информираат дека на конкурсот пристигнаа голем број различни уметнички дела, па така можат да се видат многу животни, дрвја и цвеќиња, роботи, куќи и објекти, како и многу други креации изработени од отпад. Сите заинтересирани делата ќе можат да ги погледнат во просториите на Кинотеката до петок, 1 март. Наградените дела ќе бидат објавени на веб-страницата на „Пакомак“ и истите ќе останат во сопственост на компанијата.
„Дополнително, се известуваат сите кои доставиле свои дела на конкурсот, освен наградените, дека истите можат да ги подигнат и да ги зачуваат во своја сопственост, најдоцна до 1 март 2024 година, 16 часот. Останатите неподигнати дела потоа ќе бидат рециклирани“, посочуваат од „Пакомак“.
Добитници „Trash for Art 2024“ година:
Категорија – Градинки:
1 место: ЈОУД Детска градинка „Детска радост“ – Скопје
2 место: ЈОУД Детска градинка „Кочо Рацин“
3 место: ЈОУД Детска градинка „Бамби” – Чашка
Категорија – Основни училишта:
1 место: Татијана Јакимовска
2 место: ООУ „Гоце Делчев“ – Виница
3 место: ОУ „Никола Петров – Русински“ – Берово
Категорија – Поединци и останати институции:
1 место: СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп
2 место: Слободан Петровски
3 место: Цветан Караѓорѓиев
Специјална награда од „Прилепска Пиварница“: Верица Салтирова Левечарова.
Специјална награда од „Нула Отпад“: ООУ „Братство Единство“ – Охрид.