Државната изборна комисија (ДИК) вчера ги усвои Регистрите на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми за претседателските и парламентарни избори.
За претседателските избори, ДИК ги потврдила барањата за политичко рекламирање за претседателските избори на 37 телевизии, 35 радија, 11 печатени медиуми и 249 портали, од вкупно 333 доставени барања.
„Две телевизии и три радија ќе треба да достават корекција на ценовниците согласно чл.75 ѓ, ст.11 од Изборниот законик. Вкупно осум правни субјекти со 10 портали, 1 поткаст и 1 радио се одбиени поради неисполнување на законските услови за регистрација на медиуми за платено политичко рекламирање“, велат од ДИК.
На ист број телевизии, радија, печатени медиуми и портали, партиите ќе се рекламираат и за парламентарните избори. За нив, регистрирано е само едно барање повеќе. Седум правни субјекти со 9 портали, 1 поткаст и 1 радио, како што велат од ДИК се одбиени поради неисполнување на законските услови за регистрација на медиуми за платено политичко рекламирање.
Против решенијата за одбивање на медиумите кои не ги исполнуваат условите за регистрација за платено политичко рекламирање, незадоволната страна има право на тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението, соопштија од Државната изборна комисија.
Регистарот на медиуми кои ќе вршат платено политичко рекламирање и ценовниците, како што е најавено, ќе бидат достапни на веб страната на Државната изборна комисија.
Претходно, повеќе новинарски организации и здруженија категорично се спротивставија на враќањето на државното рекламирање во медиумите пред изборите, за кое рекоа дека се спроведува преку скратена постапка и со злоупотреба на европското знаменце.
„Воведувањето на државните кампањи во медиумите, особено во предизборен контекст, може да се толкува како обид за партиски поткуп и создавање на зависност на медиумите, што сериозно ја компромитира нивната независност и медиумскиот плурализам, а со тоа и изборниот процес кој следи“, посочија тие.
Меѓу другото, реагираа и дека се игнорирани критиките од експерти и меѓународни организации.
„Mедиумските експерти и меѓународните организации, повеќе пати, изразија сериозни забелешки на предложените законски измени, оценувајќи ги како несинхронизирани со ЕУ директивите и штетни за медиумскиот пејзаж и јавниот интерес во Македонија“, потенцираа здружениете организации.
Оттаму сметаат дека е крајно време да се формира Фонд за плурализам во медиумите, кој би поддржал квалитетно новинарство и разновидна програмска продукција во спротивност на државното рекламирање кое служи како алатка за политички влијание и контрола, како и да се земат предвид другите предложени можности како што е даночното ослободување за новинари и медиумски работници.