Победничката претстава на фестивалот МОТ 2023, во селекција на независна продукција со награда „БИШ“, „Кенди“ ќе биде изведена на малата сцена во Драмскиот театар во петок (8 март) во 20 часот.
Претставата е во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, работена по романот на Лук Дејвис и по авторски материјали од ХОПС – опции за здрав живот – Скопје. Таа е во продукција на независниот театар „Златен Елец“, играат актерите Лео Поповиќ и Бобан Алексоски, музиката е на Лука Тошев а дизајнот на рекламниот материјал е на Бојана Цилевска.
„Оваа претстава ја одликува големата храброст и ангажман да ги отворат современите болести на младите во време на социјална, политичка и општествена неизвесност. Автентичноста во режисерскиот и актерскиот израз зборува за застрашувачките последици од нарко зависноста, но и од тензичноста на едно време каде што семејните и социјални дисторзии се меѓу најголемите причини за исчекорувањето на младата популација од реалниот свет и нивното заминување во пеколот на наркоманијата“, велат во образложението за наградата, тричленото жири на фестивалот.
Во месец мај минатата година, претставата освои и награда „Бранко Ѓорчев“ на истоимениот фестивал за дуодрама во Неготино, за актерите Бобан и Лео, за најдобра партнерска игра.
Ова ќе биде осма изведба на претставата и првпат после фестивалот МОТ. Од театарот информираат дека изведби ќе има и понатаму во Скопје, низ државата но и надвор од границите.
[Видео] Театар „Златен Елец“: Нешто што нѐ води е пасијата која ја имаме, не е само револтот