Политичкиот трилер „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски ја доби наградата за највпечатлив филм (Best Impact Film) на јубилејното 30. издание на „Седона интернешнал филм фестивал“, во Аризона, САД кое се одржа од 24 февруари до 3 март.
„За првпат награда во Америка и трет континент на којшто филмот е награден. Од една страна мислам дека со оваа шеста награда, филмот го оправда своето постоење, но како вечен оптимист се надевам дека фестивалскиот живот на филмот ќе донесе и нови успеси“, рече Цветановски.
„Бизнисот на задоволството“ ја следи приказната на новинарка, која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Филмот претходно освои пет награди на филмските фестивали, од кои три за најдобар долгометражен филм во Бугарија, Перу и Панама, и добитник е на специјална награда во Романија и за најдобра кинематографија во Албанија.
Филмот е снимен со поддршка на Агенцијата за филм.