Министерот за здравство д-р Илир Демири, во вчерашното гостување во емисијата „10 минути“ на ТВ21 потенцираше дека вакцинацијата е најголемото достигнување.
Според него, со самото прогласување на епидемија на градот Скопје досега вакцинирани се повеќе од 22.000 лица.
Тој посочи дека вакциналните пунктови работат во две смени со цел да им биде полесно на родителите да ги имуницираат своите деца, притоа отфрлајќи ги како неточни информациите за било каква поврзаност на вакцините со аутизмот, за што неодамна анализираше и Радио МОФ.
Чичко Фејсбук не е извор на информации за вакцините, туку чичковците и тетките во бели мантили
„Во однос на функционирањето на здравствениот систем, има потреба од регионализација. Ако ми е дадена можноста да продолжам да ја извршувам позицијата министер за здравство по изборите, ќе се трудам да се формираат регионални центри во Битола, Штип, Куманово и во Тетово. Со ова, пациентите ќе добиваат здравствена услуга најблиску до местото на живеење. Како пример за регионален центар е Клиничката болница Тетово каде работев на оваа идеја пред да станам министер“, рече тој.
Државните здравствени и санитарни инспектори од вчера почнаа да проверуваат во градинките во државата, дали се примаат деца со пропуштени дози на ДиТеПер вакцината против пертусис. Демири дури вчера најави дека ќе му наложи на Државниот санитарен и здравствен инспектоат (ДСЗИ) да врши контроли.
„Министерот Демири ќе донесе одлука со која на ДСЗИ ќе му наложи да постапува согласно законските надлежности предивидени со Закон за заштита на населението од заразни болести, како и да врши вонредни инспекциски надзори, односно увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена вакцина против голема кашлица“, наведено е во вчерашното соопштение од министерството.