Со препорака на Државната комисија за спречување на корупција и подоцна со донесена одлука од страна на директорот на МКЦ, Арбен Шаќири, редовно ангажираните 30 лица по договор на дело остануваат без работа, со што се оневозможува понатамошното вршење на дејноста на Младинскиот културен центар Скопје, реагираат од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ).
Според синдикалците, одредени законски одредби или не се земени предвид, или истите погрешно се протолкувани, а кои треба да доведат до сосема поинаква препорака.
„Согласно Законот за буџетите, буџетот на единките корисници се состои од основен буџет, буџет на донации, буџет на заеми и буџет на самофинансирачки активности. Согласно Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници, признавањето на приходите и другите приливи, расходите и другите одливи содржани во главната книга на буџетите и на буџетските корисници се спроведува според сметководствено начело на парично искажување. Согласно член 18 став 4 од посочениот закон, приходи од член 18 став 1 од Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници се наплатените приходи остварени по видови и извори согласно со Законот за буџетите и Правилникот за класификација на приходите, како и приходите од самофинансирачки активности (сопствени приходи), приходи од кирии и закупнини, приходи од донации, приходи од кредити и позајмици и неданочни приходи“, соопштуваат од СКРМ.
Според нив, од овие законски одредби јасно произлегува дистинкцијата помеѓу доделените буџетски средства и приходите од самофинансирачки активности (сопствени приходи) со кои институцијата слободно може да располага заради остварување на своите активности и генерирање дополнителни приходи дури и по донесување на одлуката за распишување на избори, нешто кое, велат тие, го има вршено и МКЦ преку ангажирањето лица по договори за дело заради функционирањето на Киното Милениум, Планетариумот, Бифето и слично.
„Оттука, сметаме дека забраната за исплата на други исплати важи исклучиво за буџетските средства, а не и за располагањето со средствата обезбедени како сопствен приход“, нагласуваат од Синдикатот.
На 30 хонорарци им се прекинати договорите во МКЦ, работата на Центарот неизвесна
Како што дополнуваат, забраната за располагање со буџетски средства предвидена со член 8-а став 1 алинеја 3 од Изборниот законик не е и не може да биде опфатено располагањето со сопствените приходи, вклучувајќи ги и исплатите од сопствени средства по договорите за дело за физички лица кои континуирано помагаат за вршење на сопствените активности на МКЦ од многу поодамна.
„Заради избегнување далекусежни последици по Младинскиот културен центар кои може да се рефлектираат како целосно замирање на културно – забавниот живот на младите, кратење на можноста да извршување на редовните активнисти и обезбедување средства од овие активности, како и обезбедување минимална егзистенција за физичките лица кои веќе повеќе години се ангажирани врз основа на договори за дело, бараме Државната комисија за спречување корупција да издаде нова препорака до директорот каде ќе биде наведено дека Младинскиот културен центар Скопје има право да ги користи средствата обезбедени од сопствени приходи согласно свое наоѓање, односно за континуирано вршење на сопствените програмски активности и за време на предизборието, затоа што животот и за време на избори сепак тече“, стои во реакцијата.
Инаку, претходно денеска со барање до повеќе институции како ДКСК, Град Скопје, Министерство за култура, но и до новиот директор Арбен Шаќири, се јави и Синдикалната организација на МКЦ. И од таму ги повторија истите работи како СКРМ, посочувајќи дека забраната за исплата важи исклучиво за буџетските средства, а не и за располагањето со средствата обезбедени како сопствен приход.
„Искрено се надеваме на итна реакција од повиканите и надлежни институции, како би можело повторно да се врати нормалното функционирање на МКЦ“, рекоа од Синдикалната организација на МКЦ.
Директорот Арбен Шаќири во дописот до јавноста својата одлука за непродолжување на договорите на хонорарците ја темелеше од известувањето на ДКСК и Изборниот законик, членот 8-а.
„Не станува збор за своеволна еднострана одлука за прекин на договори, туку се работи исклучиво за придржување и почитување на законските прописи согласно Изборниот законик кој стапува на сила од денот на распишување на претседателските и парламентарните избори 2024 година“, стоеше во дописот на Шаќири.
Тој потенцираше дека веднаш по завршување на изборите и во моментот кога ќе дозволат законите, хонорарците што се неопходни за редовно функционирање на МКЦ повторно ќе бидат вработени. Исто така, објави дека ниту еден настан од програмата и според предходно потпишаните договори не е откажан.
Шаќири: Нема откажани настани, МКЦ останува отворен, а хонорарците се враќаат по изборите
Од друга страна, вработените во МКЦ рекоа дека во претстојниот период се неизвесни настаните, нема да се ангажираат лица за Планетариумот, технички лица и организатори на настани, бифето е затворено, а затворена е и култната продавница за плочи и музички сувенири „Ап(о)тека“.
Од Драмското студио ДКЦ (што функционира во просториите на МКЦ) пред неколку денови се пожалија дека со одлуката се прекинува нивната едукативна програма, на штета на нивните ученици.
„Одлуката на управата исто така не стави во непријатна позиција да им соопштиме на родителите/старатели на нашите ученици дека Драмското студио ДКЦ престанува да работи, и тоа ден пред вообичаениот час. Сметаме дека таквото однесување е непрофесионално и неприфатливо и е на штета прво на угледот на институцијата, а потоа на нас како долгогодишни соработници и едукатори“, стоеше во реакцијата на студиото.
Бојан Шашевски