На Меѓународниот ден на жената претставничката на УНИЦЕФ во Македонија Патриција ДиЏовани посочи дека не може да се заборави на една сериозна последица од вкоренетата родова нееднаквост – детските бракови.
„Иако оваа штетна пракса значително се намали во последната деценија, детските бракови и понатаму претставуваат проблем за девојчињата во Северна Македонија. Осум отсто од сите жени на возраст од 20-24 години во земјата се омажиле или почнале да живеат во заедница пред 18-годишна возраст. Уште позагрижувачки е што 45 отсто од жените Ромки на возраст од 20-24 години во земјата биле мажени или живееле во врска пред 18-годишна возраст, и 15 отсто жени од истата група биле мажени или живееле во врска пред 15-годишна возраст“, вели ДиЏовани.
Претставничката на УНИЦЕФ е децидна дека детските бракови ги лишуваат девојчињата од детство и имаат штетни последици по нивното здравје и економски изгледи. ДиЏовани додава дека тие штетно влијаат врз развојот, пристапот до училиште и нивниот севкупен квалитет на живот.
„Кај девојчињата кои се мажат пред 18-годишна возраст веројатноста да станат жртви на семејно насилство е поголема, а веројатноста да останат на училиште е помала. Честопати тоа е тесно поврзано со раѓањето деца на рана возраст, со зголемен ризик од компликации за време на бременоста и породувањето“, вели ДиЏовани.
Иако законскиот праг за стапување во брак во Северна Македонија е 18 годишна возраст, ДиЏовани вели дека постојат исклучоци децата да стапат во брак со наполнети 16 години, но со одобрение од судот.
„Тоа доведува до правни празнини поврзани со детските бракови. Правото на ‘слободна и целосна’ согласност за брак е признаено во Универзалната декларација за човекови права, но прифатено е дека таквата согласност не може да биде ‘слободна и целосна’ кога страните се недоволно зрели за да донесат информирана одлука за нивниот животен партнер“, вели таа.
Во завршните согледувања од 2022 година, Комитетот за правата на детето на ОН препорачува дека е неопходно Северна Македонија да „спроведе целни мерки за искоренување на детските бракови и за подигање на свеста за негативните ефекти од таквите штетни традиционални практики за децата, особено кај ромското население”.
Ваквата ситуација, како што вели претставничката на УНИЦЕФ, повикува на поголеми напори со цел:
- Да се зајакнат законите за да се отстранат можните правни празнини и да се обезбеди целосна усогласеност со меѓународните стандарди.
- Да се продолжи со намалување на сиромаштијата имајќи предвид дека детските бракови опстојуваат поради сиромаштијата. Некои родители го поттикнуваат мажењето на своите ќерки со надеж дека бракот ќе донесе и финансиска и општествена полза, и истовремено ќе се намали финансискиот товар врз семејството. Да се потсетиме, 30 отсто од децата во Северна Македонија живеат под прагот на сиромаштијата и оваа стапка е двојно поголема во споредба со стапката на сиромаштија кај возрасните лица.
- Конечно, потребно е да се оспорат и патријархалните ставови, односно, давањето приоритет на традиционалните родови улоги и честа на семејството за сметка на самостојноста и правата на девојчето. Одлуката за детски брак обично ја носат машките членови на семејството и тие очекуваат дека девојчињата ќе ја прифатат оваа норма. Неопходни се поголеми напори за заедниците да се вклучат во унапредување на добросостојбата и исполнувањето на потенцијалот на секое девојче, продолжување на образованието и способноста на девојчето да одлучи со потполна согласност за својата иднина.
Инвестирањето во зајакнувањето на девојчињата и жените, нивното знаење, вештини и учество, како и вклученоста со момчињата и мажите се покажа како најдобра пракса за искоренување на детските бракови на глобално ниво, вели ДиЏовани и порачува на овој ден „да застанеме сите зад девојчињата и да продолжиме да работиме за да се стави крај на оваа штетна пракса.”