Платеното политичко рекламирање и понатаму може да биде предмет на партиско медиумска корупција или злоупотреба, предупредуваат денеска во заедничка реакција Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).
Очекуваните измени во Изборната регулатива за кои се залагаа и се залагаат еснафските новинарски и медиумски организации не беа земени предвид за претстојниве избори, се посочува во нивната реакција.
„Останаа старите проблематични решенија во законот, и покрај забелешките кои беа дадени на креаторите на законските решенија на повеќе консултативни средби на работните групи. Актуелните решенија повторно се на штета и на професионалните медиуми и на граѓаните. Еснафските организации остануваат на ставот, односно предлозите дадени во работните групи дека политичките кампањи не треба да се финансираат од државниот буџет“, велат медиумските организации.
Како последица на ова, во моментов, како што истакнуваат, има пријавено 249 онлајн медиуми кај Државната изборна комисија за државно финансирање за партиско-политички реклами во изборната кампања.
Организациите истакнуваат дека е сомнително тоа што дел од нив се сајтови со непознат сопственик или без импресум, новоформирани портали за кои се отвора сомнеж дека се наменски формирани само за да добијат пари за кампањата, како и портали кои не објавуваат информации од поширок јавен интерес.
„За да се спречи злоупотреба на јавни средства од страна на фантомски медиуми и да се избегне дезинформирање на граѓаните за изборниот процес, потребно е да се направат итни измени во Законот за медиуми за создавање регистар на онлајн медиумите во Македонија. За овие законски измени ЗНМ, ССНМ и СЕММ повеќе пати му имаат укажано на МИОА како надлежно министерство, но очигледно има недостаток од политичка волја за конструктивни законски решенија“, велат во реакцијата ЗНМ, ССНМ и СЕММ.
Истовремено, тие укажуваат дека во рамките на проектот „ЕУ за слобода на изразување: усогласување на националното законодавство за медиуми со правото на ЕУ и европските медиумски стандарди“, поддржан од ЕУ, е изготвен нов Закон за медиуми во декември лани од домашни и меѓународни експерти и додаваат дека е предаден до МИОА.
Со овој нов предлог закон претходеа широки консултации со повеќе чинители од медиумскиот сектор, а ссновните цели на предлог законот, во согласност со европските стандарди, се:
- Формирање јавен регистар на онлајн медиуми со цел спречување или намалување на злоупотребите на овие медиуми од страна на политичките партии
- подобрување на социо-економскиот статус на новинарите и медиумските работници преку воведување на контролни механизми,
- зголемување на транспарентноста во медиумската сопственост и
- поддршка за плурализмот во медиумите со цел да се заштити јавниот интерес.
„Немањето на политичка волја за усвојување нов Закон за медиумите (што беше обврска до крајот на 2023) ќе се одрази негативно во однос на позицијата на Македонија на светските индекси за слободата на медиумите. Укажуваме дека усвојувањето на новиот Закон за медиумите во Собранието, а потоа и неговото спроведување ќе ја гарантира независноста на медиумите и правата на новинарите и ќе демонстрира дека МИОА и Собранието се ангажирани кон позитивни евро-интегративни процеси“, децидни се медиумските организации.
Тие бараат од политичките партии застапени во собранието во најскоро време да пристапат кон разгледување и усвојување на новиот закон за медиуми.