Вечерва (понеделник) од 20 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се отвори изложбата „Фламански тенденции“ на Васко Ристовски.
Како што стои во најавата за изложбата, Ристовски е сликар на наивата, речиси единствен во Македонија кој со ова се занимава 30 години. Со сликарство се занимава од 1995 година, а работи масло на стакло.
„По 35 години работа масло на стакло во стилот на наивното сликарство, конечно успева да излезе од тие рамки; во новите дела се чувствува особен афинитет кон класичното (рано) ренесансно, барокно и фламанското сликарство. Оваа изложа претставува обид да се претстават дела настанати во изминатите три години, овој пат во техника масло на платно. Делата се направени во манир на фламанските мајстори со извесна доза на модерно сликарство. Тоа е логичен след ако се знае дека наивното сликарство како основа го има токму фламанскиот барок. Платното, како технички предизвик, од своја страна, значи и стремеж кон константно развивање на својата индивидуална креација“, се посочува во најавата за настанот.
Изложбата ќе биде отворена до 23 март.