Три прототип замки за заловување рисови се поставени во Националниот парк „Маврово“. Нив во изминатиот период ги креираа група студенти од природни и технички науки во координација со Македонското еколошко друштво, пишува агенцијата Мета.мк.
Студентите работеа на изнаоѓање иновативен начин да се заловат рисовите, кои се загрозен вид на раб на изумирање, за понатаму да се следат, истражуваат и заштитат од истребување. Прототип замката помага безбедно да се залови рисот и да му се стави ГПС околувратник за екологистите да го проучуваат и следат нивното движење.
Дизајнот на замката беше избран како победничко решение на Иновацискиот камп што се одржа со поддршка од УНИЦЕФ.
„Кога младите работат на креативни и иновативни решенија поврзани со природната околина, тие градат зелени вештини и свест за поврзаноста на сите. Луѓето, животните и растенијата се дел од еко системот, а токму тој е под закана од климатските промени и од штетните активности на човекот“, рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.