Колку содржините што кружат по медиумите и интернет светот, се достапни и пристапни за лицата со попреченост? Постојат ли некои софтверски и медиумски алатки што треба да се запазат? Колку медиумите помагаат, или одмагаат со тоа што „играат на емоции“ и пласираат сожалувачки приказни, кога атипичните лица се прикажуваат како социјални случаи? Од друга страна, што е со нагласеното хиперболизирање, кога лицата со попреченост се претставуваат како суперхерои?
Овие се дел од прашањата вклучени во втората епизода од подкастот „YouThink“, каде зборуваме за атипичните лица низ призма на медиумите, нивната улога, но и пораките што се праќаат до јавноста.
Во студиото на Радио МОФ соговорници се Кристијан Лазарев, специјалист за пристапност во организацијата за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ и Владо Крстовски, програмски менаџер на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“.
Овој подкаст е дел од проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, имплементиран од IREX во соработка со Младински образовен форум, Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС).
Бојан Шашевски