Со бројни гости, во свечена атмосфера, синоќа беше отворено киното во Кисела Вода. После 35 години, на истата локација, врз темелите на старото кино, во комплетно реновираниот Дом на култура „Билјана Беличанец“ започна да функционира „Киноверзум“, информира Општина Кисела Вода.
Присутните во кино салата вечерта можеа да го погледнат вториот дел од филмот „Дина“.
Настанот го отвори актерот Рубенс Муратовски кој, евоцирајќи спомени од минатото ја назначи важноста на овој проект за културниот живот во општината.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во своето излагање го истакна сентименталното значење на старото кино за повозрасните жители на Кисела Вода и потенцираше дека отворањето на новиот објект е историски миг за сите кои ја сакаат оваа општина.
Повика на аплауз за прерано починатата градоначалничка Билјана Беличанец, која го отпочна проектот и чиј сон, како што истакна, од денес започна да живее.
Говореше за сите содржини кои обновениот дом на култура ќе ги нуди, како концерти, изложби, театарски претстави, литературни читања и библиотека, а најмногу се задржа на киното, кое, рече тој, со атрактивниот репертоар веќе предизвика внимание кај граѓаните. Изрази надеж дека наскоро во перцепцијата на граѓаните „одиме на кино“ ќе значи одиме во киното во Кисела Вода.
„Возобновувањето на домот на култура Билјана Беличанец и отворањето на кино во Кисела Вода после 35 години се вистинска илустрација за олеснувањето на патот до културната сцена, но и за создавањето на нови платформи за уметниците каде што ќе можат да го споделат својот уметнички израз. Тие за себе добиваат нова сцена, нов дом каде што ќе можат да ја оживуваат магијата на културата. Покрај кино салата и проекциите на најновите светски достигнувања од филмскиот свет, во домот на културата Билјана Беличанец, ќе можат да се гледаат и театарски претстави, уметнички изложби, концерти, а наскоро тука ќе функционира и библиотека со богат библиотечен фонд. Секако, следејќи ја стратегијата за рамномерен развој на сите населби и населени места во општината, во периодот што е пред нас, ќе овозможиме слични културни содржини и во Домот на култура во Драчево, кој исто така беше обновен“, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
Јордан Ѓорчев, од Меѓународниот Славјански Универзитет, во чии рамки функционира „Киноверзум“, рече дека ланецот кина „Киноверзум” започна со работа најнапред во Свети Николе, сега работи и во Штип и во Велес
„Од вечерва го отвораме ова кино и во Кисела Вода, односно во Скопје. ‘Киноверзум’ е единствен ланец на кина на Балканот кои се домашен производ, односно македoнски бренд и се надевам дека овој бренд освен во Македонија ќе го прошириме и во регионот- истакна“, Ѓорчев.
Фото: Општина Кисела Вода