Културно-социјалниот простор Центар-Јадро и Младинскиот центар-Матично ги отворија вратите за уметниците на кои им беше одземен просторот за работа во МКЦ, велат од Општина Центар.
Од таму потенцираат дека ликовните и театарски работилници на уметникот Доротеј Нешовски и актерката Нина Максимова ќе продолжат да функционираат во креативен амбиент на културните катчиња во Општина Центар. Детското ликовно ателје на мултидисциплинарниот уметник Нешовски веќе почна со работа во Центар-Јадро.
„На мое големо задоволство и на задоволство на моите млади ученици, на возраст од 5 до 12 години, продолжуваме со редовните активности, двапати неделно во Центар-Јадро. Ова навистина е прекрасен простор, во кој децата имаат услови да цртаат, сликаат и учат во атмосфера на креативна дружба“, посочи Нешовски.
Според Општина Центар, во општинскиот Младински центар-Матично е преместено и детското Драмско студио што функционираше во рамки на МКЦ-Скопје. Театарските работилници ќе се одржуваат еднаш неделно, во саботите, под водство на професионалните актери Нина Максимова, Благојчо Стојанов и Јанка Лефкова.
Од Драмското студио исто така потврдија дека поради новонастанатата ситуација и неможноста да работат во МКЦ, привремено продолжуваат во „Матично“ до крај на мај.
„Работата на студиото вклучува креативни и едукативни театарски работилници чија цел е преку игри, забава и креативност децата да се запознаат со театарската уметност“, посочуваат од Драмското студио.
Градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски вели дека општината останува отворена за сите креативци, уметници и едукатори кои придонесуваат за културниот живот во градот.
„Центар е дом на културата, во кој се добредојдени сите креативни сили. И затоа, во рамките на општината, ги создадовме овие отворени простори за да ја заживееме културната сцена на Скопје. Продолжуваме да ги промовираме уметноста, творештвото и уметниците“, посочи Герасимовски.