По „Строг пост“ и „Кичобал“, „Аксиома“ под своја закрила го издаде и третиот албум во рок од само три месеци.
Како што велат од таму, ова е првиот, а сигурни се и дека нема да биде последниот албум снимен во живо.
Се работи за свирка на триото Филип Букршлиев (електрична гитара), Константин Хаџи Коцев (пијано) и Нинослав Спировски (кларинет и сопрано саксофон) снимена во живо во скопскиот клуб „Џези“ (JaZzy) на 27 мај 2023 година, а сега достапна во албумска верзија за масовно уживање на сите музички истражувачи.
Aлбумот се вика „Transmarginal Beverly Hills (Live at JaZzy)“ и е поделен на две теми, едната нешто над 43, а другата над 18 минути. Музиката може да се преслуша и поддржи преку Бендкемп.
„Аксиома“ и Вангел Ноневски се одговорни за издавачкиот и продуцентскиот процес, Зафир Шуманов за организација на свирката, Михаил Стојанов за снимањето и миксот, а Ѓорче Ставрески за фотографијата, нејзината обработка и дизајност на каверот.
Во продолжение интегрално ви го пренесуваме текстот/рецензијата што го придружува овој несекојдневен албум:
„Овој албум во живо на ова неконвенционално трио беше снимен во клубот Џези, една мајска вечер 2023 година. На него свират тројца врвни млади музичари од македонската авангардна џез сцена. Иако досега секој од нив двајца свиреле заедно на други албуми, ова е првпат сите тројца да се соберат на заеднички албум. Спировски и Хаџи Коцев се појавуваат на двата исклучително успешни албуми на Svetlost Odron Ritual Orchestra; Букршлиев и Хаџи Коцев соработуваа на последниот албум на Филип Букршлиев трио, издаден за реномираната Skopje Jazz Festival Records; а Спировски и Букршлиев свиреа заедно на последните три албуми на пост-рок/џез групата Fighting Windmills. Џези, пак, местото каде што овој настап во живо беше снимен, е скопски клуб кој е најотворен за соработка со музичари кои претпочитаат слободен формат на концерти, без претходно зацртан план околу траекторијата по која музиката ќе се движи и расплинува. Во средина каква што е Скопје, таквиот потфат на Џези е рамен на комерцијално самоубиство, што е само причина повеќе за почит и поддршка на овој клуб. Овој албум веројатно најрепрезентативно ја претставува агендата на Џези. – Букршлиев, Хаџи Коцев и Спировски се зафатиле со исклучително тежок потфат: да спојат три инструменти кои досега многу ретко биле врзувани во трио формат. Згора на тоа, резултатот од тој спој звучи како тие да свиреле заедно долги години, а не на една спонтана музичка соработка/дружба, што и било случај таа вечер.
Ваквите концерти коишто се базираат на слободна импровизација не мора нужно да бидат асоцирани со генерирање бучава, која само мал број слушатели можат да ја толерираат и да ја доживуваат како што треба: повик за активно слушање, кој носи аудитивна награда со одложен ефект. Овој албум е резултат на една фри импров сесија која го поразува доминантното мислење дека за таквите сесии треба да се подготвите со чепови за уши. Сепак, таа не ја негира потребата од активно слушање. Напротив, без него, оваа музика може слободно да ја игнорирате.
Сепак, игнорирањето е последното нешто што треба да го направите, зашто ќе загубите документ на една ретко убава вечер, дури и за овие тројца музичари кои често настапуваат во слични неформални состави. Настапот на овој неконвенционален трио формат сигурно ќе доведе до нивни идни соработки. Онаа иднина во која ова трио нема да продолжи да настапува и да издава албуми е иднина која сакаме да ја оставиме во сферата на онаа паралелна стварност која нема да има допирни точки со нашата.
Каква е оваа музика во поглед на неконвенционалниот формат: гитара – пијано – саксофон? Асоцијациите кои таа ги поттикнува се бројни. – Фри импров џез за љубители на амбиентална музика или амбиент за музички скитници кои не се плашат да медитираат низ џез идиомите. Четвртиот свет на Џон Хасел исфилтриран низ урбаниот самрак на електронскиот меланхолик Burial, во неговиот пост-Untrue период. Трубата на Мајлс Дејвис од Bitches Brew, ама задушена со крпа натопена во конзумеристички смог. Најтажните, репетитивни завивања на Mats Gustafsson од албумот (Without Noticing) на Fire!, ама „скротени“ со формалдехидна еуфорија. Godspeed You! Black Emperor кога свират приспивни кавери на сопствените песни. Заталкан албум од архивите на Манфред Ајхер, откако тој заминал на егзотичен одмор и сосема заборавил дека овој албум останал некаде длабоко во правливите фиоки на ECM. А потоа, на агендата била некоја заборавена архивска снимка на Кит Јерет. ^% *( ? >!_
Глич.
Прекин!
Фидбек со бела бучава…
Нежен фејд ин…
… во една паралелна стварност во која Кит Џерет е ученик на познатиот зен учител Дајсец Сузуки. Учителот, во раните 1970-ти години, на Џерет му презентирал две можности за натамошниот тек на неговата музичка кариера. И му рекол: „Цел живот ќе свириш со две раце и ќе мислиш дека ти фали барем уште една за да можеш целосно да се изразиш. Токму затоа ќе испушташ неартикулирани извици на концертите. Тоа ќе биде затоа што ќе ја чувствуваш креативната болка на третата фантомска рака која те измачува. Потоа ќе доживееш два мозочни удари, по што едната рака ќе ти остане нефункционална. Ќе мораш да свириш со другата рака. Од тој момент натаму, тоа ќе биде твојата трета рака. Дали сакаш цел живот да имаш две функционални раце или да доживееш мозочни удари и да ја почувствуваш твојата трета фантомска рака?“ Џерет одбрал два последователни мозочни удари.
Овој албум е можен саундтрак на тие два мозочни удари.
По преслушувањето на овој албум, можеби некоја од овие споредби ќе ве асоцира на музиката на ова трио, но сепак, помалку или повеќе, се работи за произволни асоцијации, кои тргнуваат од иницијалниот впечаток дека во музиката секогаш нешто фали. И не, тоа тука не е ритам секцијата. Да се живее во град (Скопје особено) значи да се има на располагање сѐ од она што е нужно за живот и многу малку од она што тој живот го прави да биде смисловен. Натрупајте го врз тоа и урбаниот хаос, изнасиленото мегаломанство, моловите без граници, и ќе добиете совршена комбинација за урбана меланхолија. Музиката на овој албум може да се толкува како музички израз на тројца врвни македонски музичари кои живеат и музицираат во ужасот на Скопје. Животот тука подразбира самотија во средина преполна со луѓе. Тука нема даунтаун како во Њујорк, во кој секогаш ќе можете да најдете простор и време за издишување. Тука стварноста немилосрдно притиска. Тој неиздржлив притисок е музички претставен на албумот на Строг Пост; тука е забележан неговиот нус производ: тагата.
И тоа особено во првата тема „Transmarginal“. Во неа ќе чуете дроновски гитарски пасажи на Букршлиев, кои ретко кога се осмелуваат да пронајдат простор и потреба за солирање. А кога некое соло ќе се промолкне над сивата тишина на дронот, тоа звучи намерно недоречено, зашто секоја разврска отвора простор за надеж; надеж, која тука не треба да се бара. Атмосферата која тој ја поставува како тмурна основа распрскува една папсаност без можност за разврска низ починка. А кларинетот и саксофонот на Спировски, од една страна, и пијаното на Хаџи Коцев, од друга, како да се натпреваруваат кој попрво ќе отсвири помрачни тонови и ноти. Пијаното понекогаш се уфрла во обид да го успокои саксофонот (или обратно), но попусто. Единствениот спокој кој тука може да се чуе е „мирот“ на тагата која се разлева низ нивните звучни палети како лава врз падините на Везув. Според тоа, атмосферата во 43-минутната „Transmarginal“ е така поставена што оваа тема ги претставува неартикулираните извици на Кит Џерет од болките предизвикани од неговата сѐ уште „неизникната“ трета фантомска рака.
Меѓутоа, ова не е музика на целосна безнадежност и не треба така да се слуша. „Beverly Hills“ е темата во која може да се ѕирне светлото на хоризонтот на мракот. Гитарскиот дрон тука го нема (Букршлиев си дава простор за неколку инспиративни солирачки авантури), тоновите на Спировски се пооптимистични, а пијаното на Хаџи Коцев, кое тука главно ја презема улогата да го држи ритамот, дава можност за некаква надеж. Затоа, ова е темата која аудитивно го претставува стекнувањето чувство во третата фантомска рака на Џерет.
Се разбира, во оваа музика има мноштво други можности за изнаоѓање мир во тегобноста која ве притиска. Неа можете да ја слушате додека го шетате вашето куче во понеделник, во 1 часот по полноќ, во некое опскурно скопско маало, кога има само самотници кои забрзано чекорат, блеејќи во своите смартфони, самозадоволни во илузијата дека на тој начин побргу ќе стасаат до својата крајна дестинација. Но, такво нешто како крајна дестинација не постои. Зашто набргу потоа, вашето куче ќе задушка некоја ‘рѓосана бандера, ќе се измоча врз неа и тогаш ќе осознаете дека најпосле сѐ ќе биде в ред. Со него покрај вас, не може да не биде. Не може да не биде ни со Џерет. Не може да не биде ни со иднината на ова трио“, стои во текстот/рецензијата што го придружува албумот.