Два месеца по Одлуката на Уставниот суд дека средношколците од приватните училишта имаат право на бесплатен јавен градски превоз, учениците и натаму плаќаат автобуски билет за да стигнат на настава. Во меѓувреме, Град Скопје и Министерството за образование и наука (МОН) си ја префрлаат одговорноста за тоа кој треба да плаќа за превозот на овие ученици.
Минатиот месец од Град Скопје ни изјавија дека за да почне финансирањето на јавниот превоз за приватните средни, МОН треба да ја усогласи законската и подзаконската регулатива по Одлуката на Уставниот суд на Македонија.
„Освен тоа, Министерството е должно да обезбеди средства за Единиците на локална самоуправа кои организираат јавен превоз. Покрај наведените нужни претпоставки за реализација, Општините не поседуваат ниту бази на податоци за приватните средни училишта и немаат увид во тоа колкав е опфатот на корисниците на субвенции, која патем треба да ја обезбеди централната власт. Базите на податоци се во Министерството за образование и до сега не се доставени, а и кога ќе се достават, истите ќе треба да се ажурираат. Без исполнување на нормативно-финансиските предуслови и да се добијат прецизни информации за фискалните импликации по буџетот на градот не може да реализира“, кажаа од Град Скопје.
Од ресорното министерство за Радио МОФ посочија на законските прописи според кои основачот на училиштето (Влада, општини, Град Скопје, домашно и странско физичко или правно лице) е надлежен за финансирање и организација на работата на училиштето, вклучувајќи го и бесплатниот превоз до училиштето.
„Од буџетот на РСМ се обезбедуваат само средства за финансирање на ЈАВНОТО средното образование“, нагласуваат од МОН.
До нашата редакција периодов стигаат реакции од родители и ученици кои сè уште немаат картички за бесплатно да се возат, како и дека имале безуспешни обиди да се сликаат и да извадат картичка во „Скопска“.
Истовремено, овие информации ги потврдуваат од Сојузот на средношколци, од каде велат дека и покрај два месеца од Одлуката, сè уште никој ги нема контактирано во врска со нивното право за бесплатен јавен превоз.
Уставниот суд на крајот на јануари донесе одлука дека средношколците од приватните средни училишта и тие кои живеат на растојание помало од 2.5 километри имаат право на бесплатен јавен превоз според член 9 став 2 граѓаните пред Уставот и законите се еднакви и уставно е загарантирано постоење на еднакви услови за достапност до образование.
Судот оцени дека член 41-а став 1 од Законот за средно образование во делот „јавно“ и став 3 во делот „јавното“ не е во соогласност со член 9 и член 44 став 2 од Уставот.
Сојузот на средношколци во април 2022 година подготви предлог-законско решение за бесплатен јавен превоз за сите средношколци. За време на мандатот на претходниот претседател, Лука Павиќевиќ Сојузот овие предлог-измени ги достави до Собранието, а потоа во април 2023 година излезе со соопштение дека доколку пратениците не го разгледаат нивниот предлог, ќе поднесат иницијатива до Уставниот суд да ја процени уставноста на одредбите во постоечкиот Закон за средно образование.
Ангела Бошкоска