Последен активистички обид да се спаси „Купром“ од градежни апетити

Дај малку Кензо Танге, доста беше багер
Нема парк на лагер
, градов не фаќа цагер
Петре пиел градел
, Коце Фаерстартер
Стефче комшо шо праиш
, нова зграда правиш
Дивоградба рушат
, преносот во живо
Динамит им пуштам
, кратам едно ниво
Барам Кензо Танге
, ти ми даваш Грчев
Правам протест денски
, ти ми копаш ноќе
Дискотеки под хипотеки
, мерат земја ко′ геодети
Прават планови ко’ архитекти
, местам гипс картон со брат ми Беким
Високо и ниско градба
, виделе во Скопје града
Канцерот е дивоградба
, градот страда од нова зграда

***

Песната на Druggy именувана „Кензо Танге“, објавена во 2021 година, беше уште еден обид преку музика гласно да се критикува уништувањето на Скопје. Исто така, да се каже „Стоп за градежно лудило“ и да се бараат нови начини како да се спасат и организираат јавните и заеднички простори, наместо да се трупаат згради.

Дел од спотот на Druggy, но и на спотови на состави како „Бернејс пропаганда“, „Фулиш Грин“ и „Легијата“ се снимени во „Купром“, фабриката за обоени метали изградена во 1940-те, запуштена и напуштена повеќе од две децении, но со столбови и конструкција во солидна состојба. Токму оваа фабрика под стечај изминативе години стана еден од синонимите на т.н. „напуштени можности“, градби погодни за реупотреба и ревитализација, што би внеле нови моменти во заедничкото живеење во Скопје, наспроти насилниот урбанизам и градење објекти само поради генерирање профит.

Затоа организацијата „Културно ехо“ долго време бара „Купром“ да се пренамени во културен центар, или студентски град. Особено што овој историски објект е дел од колективната меморија на граѓаните, а поради оваа фабрика се развиваат Хром и околните населби, како и целата општина Ѓорче Петров.

„Купром“, фото: Културно ехо

Сепак, оваа долгогодишна иницијатива на „Културно ехо“ деновиве доби „ладен туш“, откако ТВ21 објави дека пет објекти на „Купром“ се продаваат на јавно наддавање, додека самото земјиште што е државна сопственост засега не е предмет на продажба.

„На 29 март, објектите од фабриката ќе се продаваат со јавно наддавање без утврдена почетна цена, односно почнувајќи од 0 денари, а вкупната површина за продажба е 3.200 метри квадратни. Во прилогот (на ТВ21), авторот прашува дали се на повидок нови згради? Но, прашањето е реторичко зашто на секој жител на Скопје веќе му е јасно – станбени згради никнуваат секаде каде што инвеститорите ќе посакаат, без разлика на желбите, потребите и можностите на градот“, вели Марија Арсенкова од Здружението „Културно ехо“, кое викендов со одбележувањето на 6-иот роденден алармираше и за новиот развој на настаните со „Купром“.

Дафина Шекутковска, исто така дел од Здружението, посочува дека белег на општеството е светот кој им го оставаме на децата и младите. Како одговорни граѓани мора да мислиме на нив и на идните генерации.

„(Оттука), ‘Културно ехо’ во 2019 година ја создаде иницијативата ‘Купром – студентски град’ и ја презентира во Владата на отворениот ден за граѓански иницијативи, стартувајќи институционална битка за иднината на просторот“, потсети Шекутковска.

Дафина Шекутковска и Марија Арсенкова, фото: Радио МОФ  

Со оглед што „Купром“ е поранешна топилница со хром, веројатно постои и контаминација на самото земјиште, па, за таа иницијатива за студентски град, првиот чекор беше да се направи физибилити студија.

„Ова барање го вклучивме на граѓанскиот буџетски форум што го организираше Зелен Хуман Град. Но, важно е да се спомене, ова не беше наша оригинална идеја, бидејќи ние при истражувањето за ‘Купром’ наидовме на готови магистарски студии, кои веќе имаа изработено целосни идејни решенија за просторот. Многу од нив за просторот не предвидуваа студентски град (како нас н.з.), но младински центар, културен центар и сл. Простор што ќе биде ставен во употреба за младите во градот“, потенцира Арсенкова.

Од организацијата посочуваат дека за иницијативата добиле позитивно мислење од две министерства  – Култура и Образование и наука, но и од Управата за заштита на културното наследство. Сепак, велат од „Културно ехо“, иако институциите нашле интерес во поднесената иницијатива, освен декларативна поддршка, немале храброст да преземат конкретни чекори кон нејзина реализација.

„Поголема храброст покажа Општината Ѓорче Петров, со која ние и организацијата ‘Ситископ’ ги здруживме силите за да го заштитиме просторот од узурпација. Пред три години, на 24 март 2021 година, заеднички поднесовме друга иницијатива до Градот Скопје и Агенцијата за планирање на просторот. Во иницијативата изрично побаравме во Генералниот урбанистички план за Скопје – постоечкиот или новиот што е во процес на изработка – основната намена на четврт СЗ 25, каде што се наоѓа фабриката, да биде променета од А (домување) во Б (Јавни дејности и институции). Со тоа ‘Купром’ ги обедини граѓанските здруженија и локалната самоуправа, а Општината Ѓорче Петров беше веројатно првата и единствена општина која се осмели да ѝ се испречи на патот на градежната мафија“, вели Арсенкова.

Сепак, од Општина Ѓорче Петров, на чија територија лежи имотот на „Купром“ и чиј Совет се’ уште го нема донесено ДУП-от за овој дел од населбата Хром, изминатиов период нема сигнали што би укажале дека би спречиле идна изградба на станбени објекти.

„Иницијативата за пренамена на ‘Купром’ влезе и во претходните предизборни програми на повеќе политички партии, што покажа обединувачки аспект. Иако беше многу актуелна во кампањите за локалните избори во 2021 година – СДСМ, Левица, Зелен Хуман Град, ДОМ –  по изборите никогаш повторно не стана збор ниту за фабриката, ниту за нашата иницијатива, сè до веста дека ‘Купром’ се продава“, нагласува Шекутковска.

Сега, „Културно ехо“ бара од Град Скопје и од Агенцијата за планирање на просторот, како што велат, да го прекинат тригодишниот институционален молк и да излезат со свој став за иницијативата – ја поддржуваат ли оваа промена на ГУП-от или не? Исто така, Град Скопје да каже што се случува со граѓанското Партиципативно тело, кое треба да понуди инклузивност и јавност во процесот за новиот ГУП, чие донесување формално доцни. Јавноста нема увид што се случува со него, додека планирањето и деталните урбанистички планови што ги носат општините, се усогласуваат со стариот формално истечен ГУП (2012-2022), донесен уште во мандатот на градоначалникот Коце Трајановски.

„Купром“, фото: Културно ехо

„Немаме никакви информации до каде е процесот, знаеме дека огласот за Партиципативното тело упорно пропаѓа – 4 пати досега. Ние самите аплициравме 3 пати за да бидеме дел од Партиципативното тело и немаме конкретни сознанија за нашата апликација“, посочува Шекутковска.

„Добивме известување, многу бегло, дека нема доволно пријавени и повикот поради тоа упорно пропаѓа. Прашањето што е наметнува, е дали нема нема доволно пријавени, или не се пријавени тие ‘што треба’?! Односно, пријавени се независни граѓани, луѓе што реално би вршеле притисок преку тоа партиципативно тело?“, прашува Арсенкова.

Таа дополнува дека Агенцијата за просторно планирање за потребите на ГУП-от има вклучено 20-ина студии, но тоа се главно информации што доаѓаа од истражувања на Радио МОФ, или од МакФакс.

„Така да, сите податоци ги наоѓаме од новинарите, а не од самите надлежни лица. Во тие 20-ина студии што биле изработени за потребите на ГУП-от – постојат студии за јавни дејности, студии за културно наследство, па нас баш не’ интересира всушност како била истретирана фабриката ‘Купром’, но и другите напуштени објекти? Знаеме каква е судбината на ‘Алумина’, знаеме каква е на ‘Треска’…“, нагласува Арсенкова.

Активистките од „Културно ехо“ не отстапуваат од борбата за „Купром“. Ниту за ревитализација на останатите „напуштени можности“, како пример домот за култура во Ченто, месната заедница во Тафталиџе, а најново – шалтер салата на Пошта. Успешен пример во нивната борба е салата „Партизан“, која по нивната иницијатива беше обновена и повторно пуштена во употреба.


Бојан Шашевски

Насловна фотографија и галерија: „Културно ехо“