Во скопскиот клуб „JaZzy“ (Џези) утре (27 март) од 21 часот ќе се одржи концертна промоција на албумот „Transmarginal Beverly Hills“ на Филип Букршлиев, Константин Хаџи Коцев и Нинослав Спировски, тазе издаден под капата на „Аксиома“.
Настанот е најавен како „слободна и структурирана импровизација во духот на овој најнов албум“ на „овие тројца млади, но веќе мошне докажани музичари на македонската експериментална, авангардна, алхемијска и некомодифицирана џез сцена“.
Исто така, настанот е посветен на Мирко Попов, еден од најдолготрајните поддржувачи на независната сцена.
Во однос на албумот на ова неконвенционално трио, од „Аксиома“ велат дека тој беше снимен во клубот „Џези“, една мајска вечер 2023 година.
„Иако досега сите тројца, ама само во пар свиреле заедно на други албуми, ова е првпат сите тројца да се соберат на заеднички албум. Имено, Спировски и Хаџи Коцев се појавуваат на двата исклучително успешни албуми на Svetlost Odron Ritual Orchestra; Букршлиев и Хаџи Коцев соработуваа на последниот албум на Филип Букршлиев трио, издаден за реномираната Skopje Jazz Festival Records; а Спировски и Букршлиев свиреа заедно на последните три албуми на пост-рок/џез бендот Fighting Windmills“, се вели во најавата за настанот.
Според „Аксиома“, на овој албум Букршлиев, Хаџи Коцев и Спировски се зафатиле со исклучително тежок потфат: да спојат три инструменти кои досега многу ретко биле врзувани во трио формат. Меѓутоа, резултатот од тој спој звучи како тие да свиреле заедно долги години, а не на една спонтана музичка соработка/дружба, што и било случај таа вечер.
„Обидот овој албум да се објасни со зборови е ѓаволски тежок потфат. Затоа, само ќе посочиме на неколку можни споредби и надреални хипотези. Замислете го The Fourth World на Џон Хасел, исфилтриран низ урбаниот самрак на електронскиот меланхолик Burial, во неговиот пост-Untrue период. Или можеби звукот на трубата на Мајлс Дејвис од Bitches Brew, ама задушена со крпа натопена во конзумеристички смог. Или, пак, најтажните, репетитивни завивања на Mats Gustafsson од албумот (Without Noticing) на Fire!, но ‘скротени’ со формалдехидна еуфорија. Можеби Godspeed You! Black Emperor, ама кога би свиреле приспивни преработки на сопствените песни. Сепак, веројатно најсоодветната определба би била дека се работи за заталкан албум од архивите на Манфред Ајхер, откако тој заминал на егзотичен одмор и сосема заборавил дека овој албум останал некаде длабоко во правливите фиоки на ECM.
Доколку не можете да си ја замислите домашната џез музика без албумите и концертите на Светлост (и проширениот Odron Ritual Orchestra), Taxi Consilium, Fighting Windmills, Филип Букршлиев трио, Строг Пост, групите на Јордан Костов и слично, тогаш концертната промоција на албумот Transmarginal Beverly Hills не смее да биде настан кој треба да го пропуштите“, се вели во најавата за настанот.
Инаку, албумот беше снимен во живо, на 27 мај 2023 година во клубот „Џези“.
Организатор на концертот беше Зафир Шуманов. За снимање и микс на албумот беше задолжен Михаил Стојанов, дополнителен микс и мастер на албумот – Филип Букршлиев, а фотографија, обработка и дизајн на корица – Ѓорче Ставрески.
Извршен продуцент и текст за албумот – Вангел Ноневски (Аксиома).
„Аксиома“ е асоцијација за културна соработка и истражување, која организира интердисциплинарни и мултиуметнички настани/проекти, издава албуми со експериментално-авангардна музика, организира концерти, издава книги од областите на современата естетика, ремикс културата, критичките теории и слично, организира изложби и работилници за млади, и потајно навива македонската авангардна или „терсене“ музика да стане идеја-водилка на сите уметности.