Институтот за комуникациски студии (ИКС) минатата епизода говореше за дезинформациите, мисинформациите, поткопувањето на довербата во институциите, пристрасното селектирање, но и за теориите на заговор, демонизирањето на политичките противници.
За жал, велат од ИКС, штетните наративи се многу, а сепак, сите имаат иста цел. Не, не е за да ја информираат јавноста, зашто информирана јавност носи одлуки со своја глава.
Главната намера е да се манипулира со јавноста, да се сее магла или поделеност во општеството, во кое не смее да има информирано, рационално и критичко одлучување во политичката сфера. Барем, така мислат оние кои ги продуцираат штетните наративи.
„Дали знаете за предавници и патриоти? Нормално дека знаете. Таквите квалификации ги слушаме со години наназад. Е, тоа е поттикнување поделби. Убаво е кога некој е за Реал, а друг за Барса, или кога еден е за Интер, а друг за Милан, ама тоа не значи дека треба да се гледаме преку нишан, особено кога е во прашање политиката
Но, политичарите го прават токму тоа. Поттикнуваат поделби преку оцрнување или спротивставување на друга група луѓе.
Мигрантите ќе ни ги земат работните места. Ех, барем да има кој да работи. Кај нас нема работна сила, ама затоа имаме ксенофобија или страв од странци. А, таа речиси секогаш е пропратена со дискриминација и говор на омраза.
А, што е говор на омраза? Е, тоа е кога намерата е да деградира, да вознемири или да предизвика насилство или активности базирани на предрасуди против лица или групи, од различни причини – нивната раса, род, возраст, етничка припадност, националност, религија, сексуална ориентација, родов идентитет, интелектуална или телесна способност, морални или политички ставови. Примери и не ви требаат, ги има многу, а и овде нема да им даваме простор.
Во Македонија сѐ уште нема многу жени во политика. Ама затоа, имаме сексизам во политиката. Тоа се заснова на идејата дека некоја личност или група луѓе е инфериорна во однос на друга само поради нејзината родова или полова припадност. Сакате пример?
Иако не толку често, сепак, кај штетните наративи треба да ги споменеме и етноцентризмот, кога мислиме дека нашата етничка пристрасност е супериорна во однос на сите други групи. Нели, ние сме најдобрите. Често се измислува и непријател, знаете, да се држи тензијата или гласачкото тело на готовс, па се користи екстремен патриотизам и национализам.
Штетните наративи се многу опасни, особено кога се шират паника, страв и несигурност. Тоа обично се прави кога се случува некоја трагедија или инцидент, па се користи вознемиреноста во јавноста за дополнително да се исплаши и наелектризира јавноста. А, со исплашена јавност, полесно се манипулира.
Во време на вештачка интелигенција, пак, лесно се манипулира со визуелна медиумска содржина. Се користат изменети видеа, фотографии, аудиозаписи и затоа треба да бидете многу внимателни. Не, ова не е вистинскиот Зеленски и не побегна од Украина сѐ уште.
Пред да се одјават ќе кажам дека јас сум човек од народот и работам само за народот. Не, тоа не точно. Знаете зошто? Зошто не ширам популизам, што исто така е штетен наратив“, стои во видеото на ИКС.
До следното издание, погледнете го истражувањето Штет-на на овоj линк.