Здружението „Икуалити“ ќе ја претстави колекцијата „ЗЕН“ за адаптирана облека за лица со попречености, па за таа намена отвораат повик за учество во модната ревија за прилагодена и скроена по мерки гардероба наменет за лица со разновидни попречености на возраст од 4 до 55 години, со или без придружник.
Лицата со попреченост, кои ќе се пријават на повикот и ќе бидат избрани за учество, ќе бидат директно вклучени во создавање на гардеробата прилагодена на индивидуалните способности, вклучително за целите на креативниот процес – земање мерка, проби и корекции на облеката и учество во нивната промоциска кампања.
„Здружението ‘Икуалити’ во рамки на културниот настан има за цел да ја промовира општествена инклузија, толеранција и обединетост преку искористување на модата и ставање во фокусот на лицата со уникатни способности, што директно ќе допринесе кон создавање предуслови за еднакви можности и зајакнување на општествените вредности. Во рамки на проектот ‘Инклузивно soirée ЗЕН’ ќе биде креирана колекцијата ЗЕН за адаптирана облека со цел да биде одговорено на уникатните способности на лицата со попреченост и да го олесни функционирањето во поглед на потребите за прилагодена гардероба, како и да ги поддржи нивните најблиски и асистенти, кои им помагаат во секојдневниот живот“, велат од „Икуалити“.
Настанот „Инклузивно soirée ЗЕН“ ќе се одржи во последниот квартал од 2024 година во Скопје, а лицата со попреченост ќе имаат можност да продефилираат на инклузивната модна ревија во адаптираната гардероба од колекцијата „ЗЕН“. По завршувањето на проектот, како што е најавено, парчињата облека ќе им бидат подарени на лицата – учесници.
Сите заинтересирани лица можат да се пријават на отворениот повик со испраќање на мејл до equalityskopje@gmail.com во кој треба да посочат име и презиме, возраст, место на живеење, тип на попреченост/дијагноза и да наведат дали лицето користи количка или чекори самостојно.
Рокот за пријавување е до 10 април 2024 година.