„Во 2040 година, професионалните и независни новинари се безбедни и ослободени од несоодветни влијанија. Етичкото користење на технологијата игра клучна улога помагајќи им на медиумите да ја исполнат својата должност кон јавниот интерес и да бидат гласот на граѓаните за добро информирано, инклузивно и демократско општество“.
Вака гласи визијата на проектот „Медиуми 2040: Охрабрување на младите застапници за медиумска слобода на Западен Балкан“, по чиј повод вчера во Правниот факултет се одржа настан, каде се зборуваше за проблемите со кои се соочува новинарството, но и за решенијата, со цел на студентите да им се доближи оваа одговорна професија и во иднина тие да ги бранат и сочуваат вредностите на „седмата сила“.
Сашо Георгиевски, деканот на Факултетот, информираше за проектот кој всушност претставува мрежа од шест државни универзитети од Нови Сад, Подгорица, Приштина, Сараево, Скадар и Скопје, кои заедно работеле на предвидување на иднината на медиумите во кои младите ќе сакаат да работат како искусни професионалци.
„Мора да си признаеме дека новинарските студии имаа и подеми и падови. Меѓутоа, проектот кој е повод денеска гледа кон иднината. Со огромно задоволство морам да кажам дека се наоѓаме во момент на пресвртница во студиите по новинарство и односи со јавност. Односно, во тек е двогодишниот проект за мултимедијално современо студио во функција на студентите каде ќе се одвива практичниот дел од наставата. Проектот го спроведува Амбасадата на САД во Скопје, а доделен е од нашиот партнер, познатиот факултет за новинарство во Аризона, кој како што имам чуено е најдобриот на светот по новинарски студии. Идејата за студио е токму ова што се наѕира од ова денес, да ги подигнеме студиите за новинарство и да ги вклучиме студентите во практична работа“, истакна деканот.
Координаторот на проектот, професорката Јасна Бачовска-Недиќ, наведе дека целта на проектот е младите уште во студентските денови да се почувствуваат како да се фактор на иднината. Поточно, да учествуваат во воспоставувањето на препораките и целите во медиумскиот систем, но и да работат на тоа.
„Проблемите ги знаеме, ги живееме. Мали плати, корупција, големи притисоци во медиумските куќи… Но, како да проектираме еден добар и демократски систем?“, праша професорката.
Според неа, професионализацијата ја носи етиката и само на образованите новинари им значи етичкиот кодекс. Смета и дека Македонија е во најголема криза од регионот за интересот за студии по новинарство.
„Мораме да ја задржиме традицијата на висока едукација на новинарот“, поентираше таа.
Дополнително, Бачовска-Недиќ наведе дека голем проблем има во судското известување, затоа што недостасуваат новинари кои ја познаваат работата на судот и прават многу голема штета на демократијата и имиџот на судството.
„Па затоа, судското новинарство е посебен модул од оваа година и се работи по нова акредитација на студиите по новинарство и односи со јавност“, нагласи таа.
По ова, домаќините им отстапија место на гостите, а тие ги наведоа своите загрижености, но и по некое решение за нив.
„Треба што побрзо да го фатиме чекорот и да учиме за вештачката интелигенција. Како почетен чекор Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) наскоро ќе објави една брошура за употребата на вештачката интелигенција во медиумите. Тоа е издание на УНЕСКО и ние го преведуваме на македонски и албански јазик. Очекувам да биде готово за околу еден месец“, најави Билјана Георгиевска, извршна директорка на СЕММ.
Според неа, за 15 години отсега традиционалните медиуми ќе бидат истиснати, а ќе следи голем пресврт во онлајн сферата и луѓето ќе станат збунети уште повеќе. Затоа, потребно е да се регулира интернет просторот.
„Колку и да е непрегледна безграничноста на интернетот, граници за изречениот збор на интеренет мора да постојат. Па затоа, со новиот ‘Digital Services Act’, Европската Унија веќе воведува регулатива за дигиталните платформи и услуги за да обезбеди безбедна интернет околина за сите користици, за заштита на основните човекови права, но и за да го поттикне креативниот натпревар на овој пазар. Оваа законска рамка се однесува како на моделирањето на содржините на интернет, така и на транспарентноста и одговорноста на тие што даваат дигитални услуги. А бидејќи очекувам за 10 до 15 години Северна Македонија да биде дел од ЕУ, овие регулативи по автоматизам ќе важат и овде“, образложи таа.
Дополнително, Георгиевска препорача да биде изваден од фиока што побрзо законот за измени во Законот за медиуми, кој е доставен како нацрт до Министерството за информатичко општество, а создаден од европски и домашни експерти. Таа вели дека според овој предлог нашата легислатива треба да се хармонизира со европската до моментот кога ќе станеме членка на ЕУ и дека со него ќе се воведе плурализам во медиумските содржини и ќе се спречи легалниот поткуп на медиумите.
Спортскиот новинар Перо Момировски, дел и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), истакна дека условите за работа и правата на вработените и ангажираните во медиумите паѓаат од ден на ден и тоа станува драматично.
„Некогаш во оваа професија имаше поголеми плати и бевме повеќе почитувани. А денес, секојдневна е борбата за мали и сложени работи, кому не му платиле недела, кому му дале да работи во време на одмор, кого го повикале ноќе во 3, против кого повеле дисциплинска постапка и сакаат да го казнат 30% од плата и многу други проблеми“, наведе Момировски.
Исто така, тој вели и дека поголемиот дел од вработените во медиумите немаат вистински и добри договори. Дел од нив се држат на хонорарни, дел на договори на определено време, а големиот дел немаат никакви договори и никаква гаранција дека ќе им бидат исплатени парите на крајот од месецот.
„Барајте договор и читајте го. Договорите имаат скриени точки и од оној момент кога ќе го потпишете не може да ви помогне ниту еден синдикат“, нагласи Момировски.
Дополнително, говореше и за безбедноста на луѓето кои работат во медиумите и дека таа мора да биде беспрекорна. Според него има подобрување во тој сегмент, за што најмногу влијае измената на кривичниот законик од минатата година со која напад на новинар, камерман или монтажер се смета за напад на службено лице и следуваат многу повисоки казни.
По него, збор зема Анета Андоновска, уредничка на Македонската радио-телевизија (МРТ). Таа започна со обраќање кон студентите и им потврди дека ќе се соочат со многу проблеми, но мисијата треба да ги храни, а тоа е корекција на општествените проблеми. Дополнително, ја објасни функцијата која МРТ ја има во општеството.
„Улогата на јавен сервис е посебна, сосема различна. Тој има моќ и треба да биде столб на демократијата. Всушност, им припаѓаме на граѓаните, не на партиите. Ние сме гласот на народот. Она што ја прави различна Македонската телевизија е тоа што таа има обврска да произведе универзална, инклузивна програма за секој жител. Мора да внимаваме на ранливите категории како што се лицата со сетилна и интелектуална попреченост, за нас сите се важни“, забележа Андоновска.
Таа истакна и дека нивна цел и мисија е еден ден публиката да рече „Тоа го слушнав на МРТ, мора да е точно“.
Додава и дека постојано се изложени на притисоци, но кога новинарите, како што се колегите од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), ќе добијат награда, наградена е и професијата. Од друга страна, навести дека доколку се истуркаат законите кои чекаат на ред, како што е законот за радиодифузен сервис, за 24 часа ќе се промени сликата. А, ја напомена и потребата од цврста стратегија што ќе обезбеди здрав медиумски простор.
„Во дискусијата очекувам да ги слушнам вашите забелешки за тоа што би сакале да гледате во јавниот сервис, а после тоа да ми оставите телефони сите. Ова беше шега се разбира, но навистина очекувам поголема соработка“, заврши уредничката на МРТ.
Последниот збор од гостите и’ припадна на Жаклина Хаџи-Зафирова – медиумски и комуникациски консултант, која го опиша настанот како мотивација за младите луѓе кои се школуваат овде да станат добри работници, но и спас на новинарството како професија. Според неа, од есенцијално значење е и стратешкиот пристап на државата и визијата која таа ја има за професијата.
„Нема поголема надокнада за млад, иден новинар од тоа кога ќе си го види продуктот во медиум“, поентира таа.
По гостите, накратко говореа и студентите кои учествувале во предходните активности на проектот „Медуми 2040“ – Мила Тодоровска, Милош Стојановиќ, Тео Николовски и Теа Димковска.
Тие објаснија дека за да ја реализираат визијата, спровеле скенирање на хоризонтот, односно ја мапирале тековната состојба и трендовите во медиумската сфера. Конкретно, ги следеле случувањата поврзани со петте клучни димензии на медиумските системи. Во текот на овој процес, организирале онлајн форуми со новинари и експерти за медиумска политика, медиумска технологија и медиумско работење. Откако добиле соодветен увид во трендовите, се состанале на петдневна работилница во Скадар за да ја осмислат заедничката визија за регионот на Западен Балкан.
„Оваа визија треба да се сфати како општа рамка која понатаму дополнително треба да се разработи со цел да се земат предвид специфичните локални трендови и надлежности за заинтересираните страни“, потенцираа студентите.
Ангела Петкова