Судот во Њујорк вчера го осуди основачот на пропаднатата крипто берза FTX, Сем Бенкман-Фрид, на 25 години затвор за кражба на осум милијарди долари од клиенти преку компанијата која се занимавала со трговија со криптовалути, пренесува Евроњуз.
Судијата Луис Каплан ја донесе пресудата откако ги отфрли аргументите на адвокатите на Банкмен дека и покрај банкротот на FTX, парите не се изгубени.
„Тој знаеше дека прави нешто што е погрешно. Знаеше дека тоа е криминал и жали за погрешната одлука за која е фатен“, рече Каплан.
Поротата на судот во Менхетен минатиот ноември го прогласи Бенкман за виновен по седум точки од обвинението за измама и завера со што предизвика колапс на FTX во 2022 година, во, како што велат обвинителите една од најголемите финансиски измами во историјата на САД.
Светските медиуми наведуваат дека неколку години по завршувањето на студиите на Технолошкиот институт во Масачусетс, Бенкман-Фрид ја напуштил работата на Вол Стрит и во 2017 година го основал хеџ-фондот за криптовалути „Аламеда Рисрч“. Две години подоцна, тој ја основа FTX, берза која им овозможуваше на корисниците да купуваат и продаваат дигитални средства, како што е биткоинот.
Откако вредноста на криптовалутите порасна, Бенкман-Фрид веќе поседуваше средства во вредност од 26 милијарди долари до октомври 2021 година и стана 25-та најбогата личност во Америка пред да наполни 30 години, според магазинот Форбс.
Тој исто така го искористи тоа богатство за политичко влијание, со тоа што стана еден од најголемите финансиери на кандидатите на Демократската партија и нивните политики, пред изборите во САД во 2022 година, а напоредно донираше и на републиканците, но преку други донатори, со цел го прикрие своето учество, изјави судијата Каплан.
Со цел да ја прикаже својата компанија FTX како безбедна во секторот на криптовалути, Бенкман-Фрид ангажираше познати личности како НФЛ играчот Том Брејди и комичарот Лери Дејвид.
Тој, исто така, јавно ги поддржа напорите за регулирање на пазарот на криптовалути, но обвинителите велат дека неговото негување на имиџ на одговорен човек служело да ги прикрие долгогодишните проневери на средствата на клиентите.