Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ се млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес за менаџирање на оваа состојба. Инспирирани од желбата да помогнат на свои блиски кои имаат дијабетес, Ѓорѓина и Марио ги искористиле развојот на технологијата и можностите кои ги нуди за да понудат решение за еден медицински проблем, пишува новинската агенција Мета.
Тие во интервју за Мета.мк велат дека со ДИА многу лесно се следат и контролираат големиот број информации поврзани со дијабетесот, што на секое лице кое се соочува со оваа состојба му нуди можност успешно да ја контролира.
Преку оваа алатка, дијабетичарите секојдневно можат да внесуваат податоци поврзани со своето здравје и нивоата на гликоза во крвта и да ги следат преку извештаи кои се генерираат преку апликацијата. ДИА е наменета за лицата со било кој тип на дијабетес.
„ДИА е мобилна апликација наменета за менаџирање на дијабетесот во која се внесуваат нивоата на глукоза, крвен притисок, телесна тежнина и ХБА1Ц и се добиваат извештаи за состојбата на дневно, неделно или месечно ниво. Апликацијата содржи и едукативни блогови, кои преку алгоритам се персонализираат по потребите на корисникот и му нудат информативни и едукативни содржни за животот со дијабетес, типовите на дијабетес, потребата од физичка активност или одредена исхрана, со што тие ќе можат да донесуваат правилни одлуки“, вели Ристовска за Мета.мк.
ДИА е веќе активна и може да се користи, но Ѓорѓина и Марио посочуваат дека активно работат на нејзино усовршување. Со воведување вештачката интелигенција планираат ДИА да стане интелигентен асистент за дијабетес, кој ќе може на корисниците да им дава препораки за здравјето, физичката активност и исхраната, врз основа на нивните персонализирани податоци.
„Имаме многу роднини и пријатели кои се на наша возраст и имаат дијабетес. Направивме истражување и пробавме да разбереме како може технологијата да реши некои од нивните проблеми. Овие лица постојано треба да следат многу податоци и така дојде идејата да направиме еден асистент што би им помогнал при нивно менаџирање. Во истражувањата вклучивме и дијабетичари и медицински лица и креиравме решение кое е спој на технологијата и медицината“, објаснува Ристовска.
Во моментов тимот на ДИА соработува со Стартап клуб од Скопје од каде добиваат менторска помош за дефинирање на идните алатки и бизнис моделот со цел апликацијата што побрзо да се најде и на регионалниот и глобалниот пазар. Очекуваат целосното решение да го имаат кон средината на идната година.
„ДИА е достапна за македонскиот пазар, а во брзо време сакаме да ја прошириме и на регионално ниво. Доколку ги реализираме сите нови алатки кои ги планираме, би биле конкурентни на глобално ниво. Со нив ДИА би била паметен асистент кој ќе дава и препораки на повеќе јазици“, вели Мијатовиќ.
Во моментов, апликацијата е достапна бесплатно на Гугл Плеј (Google Play) и е преведена на три јазици – македонски, албански и англиски.