Иницијативата Сите за МКЦ, под мотото „Завртивме нов лист, но борбата нема да запре“, најавува нов собир пред Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, кој во изминативе неколку недели кубури со настани и содржини, откако новиот директор Бени Шаќири им ги прекина договорите на 30 хонорарци повикувајќи се на известување на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).
„После подолго време молк се враќаме пред МКЦ! Во недела (31.03) во 14:00 дојдете да се дружиме и да се поддржиме меѓусебно во културниот простор кој е на раб на згаснување. Се додека сме тука, МКЦ нема да умре!“, велат од иницијативата Сите за МКЦ.
За секој што е заинтересиран за дружбата во недела, може да си понесе некој акустичен инструмент, бои и четки, или спрееви, маркери… но и платна, хартија, стари чаршави или маички.
„Дојдете да твориме заедно! Иднината на културата е во рацете на сите нас, па ајде колективно да ја издигнеме нагоре. Ако не ни даваат услови, сами ќе си ги создаваме! Се гледаме во недела. За Мирко! Неговите напори за развивање на културата сега мора да се наши колективни напори!“, стои во повикот за собирот.
Собирот се одржува откако новиот директор Бени Шаќири тврдеше дека ангажманот на хонорарците мора да биде прекинат до крај на изборите, додека вработените и Синдикатот за култура аргументираа поинаку – забраната за изборите не важи ако хонорарците се исплаќаат од сопствен приход, како во случајот со МКЦ.
Ситуацијата за МКЦ значи дека нема да се ангажираат лица за предавање во Планетариумот, лица за техника, програмски активности и организатори на настани, бифето е затворено, а затворена е и култната продавница „Ап(о)тека“. Со ова, МКЦ остана преполовен со вработени и персонал, па, освен неколку концерти каде посетителите си носеа пијачки од дома, замре секојдневниот културен живот, изложбите, претставите, разните настани, детскиот дел… Затоа се појавија и толку реакции во јавноста, особено од млади и посетители што гравитираат или живеат во симбиоза со Центарот.
Сите за МКЦ беше активно и ланската година, кога најпрво во јануари се случи музичко-протестниот собир пред МКЦ, каде стотици млади порачаа „Културата е скапа, некултурата поскапа“. Таквото движење „Сите за МКЦ“ се роди откако Центарот реагираше дека програмскиот буџет значително им се крати, а дотогашниот в.д. директор, Ванчо Богоев, е сменет од позиција бидејќи не подлегнал на притисоци од Генералниот секретар на Град Скопје да потпише вработување токму за сегашниот директор Бени Шаќири.
За каузата за МКЦ се одржа протестен собир пред Град Скопје, се собираа офлајн и онлајн петиции против намалување на буџетот и политизирање на институцијата, а се случи и герила-акција на фестивалот „Земјотрес“.
Истовремено, поддршка на напорите на иницијативата дадоа и над 20 културни/концертни центри од цела Европа, дел од мрежата Liveurope. Тие упатија повик за МКЦ: „Да се спаси еден од темелите на културата, младите и демократијата“.
Бојан Шашевски