Шестмината другари од „Луфтанза“ го објавија својот нов, петти албум „Далеку од вистинското нешто“, овој пат преку „Мртов коњ“, независната издавачка куќа на „Гола Планина Колектив“ каде интегрален дел е и самиот состав.
Албумот може да се слушне, поддржи и симне преку Бендкемп.
„Спротивставеноста меѓу природата и сложените навртки на индустријата го носат младиот човек кон состојба на лудило. ‘Луфтанза’ го претвараат – како и сите вљубени во творештво пред нив – лудилото во организиран хаос, го полнат со своите одблесоци, во една колективна светлина потопла и поразгорена од збирот на своите пламени. Ја градат својата кула врз основа на својата вера. Сите се добредојдени да влезат и да слушаат, ако ушите им се излупени. Далеку од вистинското нешто, или баш таму каде што треба?“, се вели во инфото за албумот.
Во изданието е вклучена стандардната постава на „Луфтанза“ – Виктор Стојановски, Андреј Димовски, Мартин Џорлев, Иво Николовски, Лука Јовановски и Раде Биковски, кои се испреплетуваат меѓусебно и внесуваат вокали, различни гитари, бас гитара, сајзери, саксофон и тапани.
Исто така, дополнителни вокали се Александра Арсовска, Лила Мирчевска, Стефанија Арсовска, Марко Печеновиќ и Леон Шумански – Роуз.
Раде Биковски е задолжен и за миксот и мастерот, а продукцијата е на „Луфтанза“.
Омотот е на Камелија Каламерникова, додека за графичкиот дизајн се одговорни Марко Печеновиќ и Андреј Димовски. Албумот е снимен во Funk Shui студио, Студио Алшар, кај Мартин во подрумче и кај Раде во соба.
„Далеку од вистинското нешто“ вечерва ќе биде промовиран и со концерт во „Станица 26“, по што „Луфтанза“ заминува на европска турнеја, вклучувајќи локации како Белград, Будимпешта, Краков, Талин, Рига, Вилнус, Варшава, Вроцлав и Љубљана.
Инаку „Луфтанза“, сега веќе со 5 албуми зад себе, неуморно свират и работат уште од стартот на пандемијата. Дечките често експериментираат со стилски варијации, додавајќи меланхолични или психоделични моменти низ повеќеслојниот инструментариум, но секогаш со предзнак: рокенрол. Тие со својата гласност, лутина, љубов и агресија контрираат на жанровските определби, еднодимензионалноста и конформизмот на фабричката еднолична музика.
Тие годинава се најдоа меѓу деветте финалисти на музичките награди „ХЕМИ“, меѓународна програма за таленти и артисти.
Исто како и целиот „Гола Планина Голектив“, „Луфтанза“ се темели на музика и другарство.
Бојан Шашевски