На Правниот факултет „Јустинијан први“ изминатиов викенд се одржа турнир за студентска дебата – „Отвори го умот за нови перспективи – студентски дебатен турнир“, кој го организираше Младинскиот образовен форум (МОФ).
„На турнирот учестуваа 16 тима, составени од студенти кои поминаа четиринеделна обука за Британска парламентарна дебата, која се спроведе во рамки на новоотворените дебатни клубови на Правен факултет, Филозофски факултет – Скопје како и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). На турнирот учествуваа 50 луѓе – дебатери, судии и волонтери“, соопштуваат од МОФ.
Од таму велат дека членовите на дебатните клубови на МОФ, овој викенд имаа шанса подобро да се запознаат со важноста на компетитивната дебата, а преку тоа со критичкото размислување и аргументираното говорење.
„Ваквиот начин на истражување информации придонесуваат во образовниот процес и им помога на младите да се стекнат со дополнителни знаења поврзани со тезите на кои дебатираат“, посочуваат од МОФ.
По два дена интензивно дебатирање, победата ја освои тимот „Бекатонки“, составен од Зоран Ристовски и Димитар Анакиев. На турнирот се одбраа и тројца најдобри говорници од кои третото место му припадна на Филип Филиповски, второто на Димитар Анакиев, а за најдобар говорник на студентскиот дебатен турнир избран беше Филип Петровски.
„Турнирот беше огромен успех, истакнувајќи ја важноста на критичкото размислување, ефективната комуникација и граѓанскиот дискурс во нашето општество“, констатираат од МОФ.