Македонските средношколци кои заедно со нивните ментори се истакнуваат на меѓународни натпревари по хемија, од година во година се соочуваат со истиот проблем – финансиски ограничувања кои ја попречуваат нивната желба целосно да им се посветат на овие престижни настани. И покрај постојаните апели до државните институции и приватните компании, одржливо решение за овој траен проблем нема. Додека учениците значително се вложуваат во подготовката за натпреварите, нивните ментори трошат драгоцено време барајќи спонзори, оттргнувајќи се од нивната основна и поважна задача – да ги спремаат учесниците. Потребата за решение станува сѐ поитна – во академската заедница одекнуваат повици за системска поддршка и апели до засегнатите институции да помогнат во предизвикот со кој се соочуваат учениците и нивните професори, пишува Мета.мк.
Три бронзени медали и една пофалница освои младиот хемиски тим што минатата година ја претставуваше Македонија на Меѓународната олимпијада по хемија (IchO) во Цирих, Швајцарија. Овие се само уште неколку во низата награди кои младите хемичари ѝ ги обезбедија на земјава на интернационалните
натпревари каде настапуваат.
Годинава, средношколците-хемичари повторно ги очекуваат два важни настани – истата Меѓународна хемиска олимпијада што во јули ќе се одржи во Ријад, Саудиска Арабија и Меѓународната олимпијада „Менделеев“ чиј домаќин во април ќе биде Шенжен, Кина.
Станува збор за годишни академски натпревари за средношколци – две од најголемите хемиски олимпијади во светот во моментов, а кои се одржуваат од шеесеттите години на минатиот век.
Две Олимпијади – ист проблем
Подготовките за двата натпревари се во тек, но патот до престижот за македонскиот тим хемичари е попречен од финансиски предизвици. Менторите кои работат со учениците и сега се соочуваат со истиот проблем кој се провлекува со години – немање финансиски средства за покривање на патните трошоци.
„Да освоите медал на Менделеевата олимпијада е големо достигнување, не само за учесникот, туку и за државата“, вели за Мета.мк професорот Миха Буклески на почетокот од разговорот за потешкотиите на неговиот тим.
Буклески им е ментор на младите хемичари што заминуваат на овие меѓународни натпревари. Тој е професор на Институтот по хемија при Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје и е дел од Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ). Сојузот, всушност, е организацијата акредитирана од страна на Министерството за образование и наука (МОН) за организирање државни натпревари по хемија, а потоа и за нивна подготовка и носење на меѓународните олимпијади.
„Веќе имаме успеси и не би сакале да го испуштиме тој континуитет за да можеме да ги тренираме учениците, да го почувствуваат духот на Олимпијадата, начинот на организација. Кога ќе настапат на една олимпијада, тие веќе се многу посикусни и можат многу полесно да остварат резултати на другата. Се трга оној дел на трема, неизвесност, учениците се поопуштени. И затоа ни е од значење да учествуваме и на Менделеевата олимпијада како своевидна подготовка, а потоа да пристапиме на оваа што е светски популарна меѓутоа е полесна во однос на првата бидејќи учествуваат повеќе од 80 земји, дел од нив и за прв пат, па полесно е да се истакнеме и да добиеме медали“, вели професорот Буклески.
Патот до Менделеевата олимпијада во Кина е долг и скап, а прибирањето финансии макотрпно.
„Од моментот кога почнавме да бараме средства, до моментот кога ја собравме сумата за можеме да ги купиме картите, нивната цена од 5.500 евра порасна на 7.400 евра. Кога немате никакви финансии, покачувањето од две илјади евра е огромно“, вели професорот.
Спремањето на младите хемичари за меѓународните натпревари трае со месеци, а професорите што ги спремаат учениците уште во јануари почнале со барање спонзори.
„Се обративме до општините од каде доаѓаат учениците, до Град Скопје, до МОН, сите државни институции коишто можат да го земат ова предвид – ФИТР, ТИРЗ, околу 50 приватни фирми и компании што се поврзани со хемија и технологија. Од повеќето фирми речиси и да не добивме никаков одговор – ни позитивен ни негативен. Дел од општините излегоа во пресрет – Штип, Прилеп и Карпош, а другите се оградија дека средните училишта не се нивна надлежност. Има постојано некакви ветувања, коишто не се реализираат. Најголем дел од средствата за Менделеевата сега успеавме да ги обезбедиме од приватна фирма – половина од вкупната сума што треба да ја платиме. Една четвртина обезбедивме од општините што дадоа финансии и сега имаме уште еден дел што ни фали“, раскажува Буклески.
Средствата за „летната“ хемиска олимпијада во Саудиска Арабија можеби се собираат полесно, но, во секој случај, тимот повторно е оставен сам на себе и принуден да се снаоѓа за финансиите што недостасуваат.
За Менделеевата олимпијада учесниците не плаќаат котизација, додека за „IChO“ партиципацијата изнесува 3.000 долари.
„За Меѓународната хемиска олимпијада, собирањето на средствата оди полесно, затоа што тој временски период, од Агенцијата за млади и спорт, секоја година досега, без исклучок, распишуваат конкурс кој се однесува на финансиска помош за учениците кои се избрани кај нас за учество на олимпијади, односно меѓународни натпреварувања. Па дел од трошоците ги задоволуваме на овој начин – зависи каде се одржува олимпијадата. Можеме да покриеме една третина или можеби сите патни трошоци. Минатата година оваа Олимпијада се одржа во Швајцарија, така што успеавме патните трошоци да ги покриеме, затоа што оваа земја е поблиску, добро сме поврзани со Цирих, па немавме некои дополнителни трошоци“, раскажува проф. д-р Буклески.
Патните трошоци не се единствениот финансиски предизвик. Подготовките, исто така, чинат доста. Пред учеството на олимпијадите, учесниците добиваат „подготвителни проблеми“, односно теоретски и експериментални прашања и задачи за кои треба да се подготват, а кои вклучуваат различни и скапи раствори и опрема.
„Многу често ние немаме хемикалии за голем дел од проблемите што ги добиваме секоја година. Дел можеме да покриеме од хемикалиите што ги имаме на Институтот за хемија, но понекогаш мора да обезбедиме дополнително. Дури и основните хемикалии што ги трошиме се многу скапи – на пример, сребро нитрат користиме како стандарден раствор за дел од експериментите. Сребро нитратот е скапа хемикалија што се троши, а е една од основните. Има многу хемикалии и ги немаме доволно на Институтот за да можеме толку често да ги позајмуваме. Сепак се десетина учесници, а бројот на задачи е голем, некогаш ни треба и дополнителна специјална опрема“, вели Буклески.
Целиот текст е достапен на Мета.мк.