Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во четвртокот, 4 април 2024 година официјално го отвори првиот Еразмус+ инфо центар во Битола.
Креативниот простор се наоѓа во централното градско подрачје на Битола или место како што битолчани го знаат „Кафе чао“.
„Оваа канцеларија ќе биде место за информирање и презентирање на можностите од програмите Еразмус+ и ЕСК, како и сите мрежи со кои управува Националната агенција и навистина ми претставува голема чест и задоволство што го отвораме овој прв Еразмус+ инфо центар во Битола. Сè започна од една идеја која подоцна беше ставена во работна програма, па одобрена на седница на Влада на Република Северна Македонија, а сега дојдовме и до денешното отворање со кое започнува оваа нова приказна. Овој простор ќе служи за дружење, едукација на младите, но и можност да творат и да ги искажат своите идеи“, истакна Марко Ѓоргиевски, директорот на Националната агенција.
На отворањето присуствуваа многу млади лица од регионот, студенти, наставници, професори и претставници на дипломатскиот кор во земјава.
Сите присутни имаа можност да ја проследат изложбата од одбрани дела на младата битолска уметница Јана Танчевска и да уживаат во класична музика за која беа одговорни учениците од музичкото училиште во Битола.