Младинскиот образовен форум (МОФ) отвора повик за учество во менторска програма за млади новинари за креирање медиумски продукти поврзани со бегалци, баратели на азил и лица без државјанство.
Повикот е отворен за:
8 (осум) млади новинари или студенти по новинарство
2 (два) ментори – новинари кои ќе работат со учесниците во менторската програма
6 (шест) предавачи кои ќе предаваат во рамки на менторската програма.
Менторската програма е отворена за млади новинари и студенти по новинарство кои сакаат да ги зајакнат своите капацити и компетенции во областите бегалци, баратели на азил и лица без државјанство, како и со начинот на известување и креирање на медиумски содржини за овие лица.
Менторската програма е замислена да започне со одржување на дводневен тренинг. На тренингот младите новинари ќе имаат шанса да присуствуваат на различни работилници одржани од искусни новинари кои ќе им помогнат при градењето вештини за известување и за креирање медиумски продукти поврзани со бегалци, баратели на азил и лица без државјанство. Дополнително на тренингот младите новинари ќе стекнат и знаења во однос на правната рамка која го регулира правниот статус на овие лица како и добивање на поддршка од психолози за заштита на менталното здравје при покривање на теми поврзани со ранливи категории лица.
По завршување на тренингот на учесниците ќе им биде доделен ментор со кој заеднички во рок од 1 месец ќе треба да изработат медиумски продукт.
За учесниците во менторската програма е предвидена еднократна стипендија која има за цел да им помогне на учесниците во креирањето на медиумскиот продукт.
Предавачите во менторската програма е предвидено да одржат предавање/работилница во рамки на дводневниот тренинг кое ќе има за цел да ги зајакне компетенциите и вештините на младите новинари во процесот на креирање на медиумски продукти коишто се однесуваат на бегалците, барателите на азил и лицата без државјанство. Дополнително, предвидено е двајца од предавачите да бидат психолози, коишто ќе одржат психолошка работилница со младите новинари со цел заштита на менталното здравје при известување за лица од ранливи категории.
Специфичното предавање на секој предавач ќе биде договорено во координација со МОФ и УНХЦР.
Предност ќе се даде на оние новинари кои имаат долгогодишно искуство во креирање на медиумски продукти за овие лица, а особена предност ќе биде дадена на оние новинари коишто ја имаат добиено Наградата за професионално известување за состојбата на бегалците и лицата без државјанство којашто ја доделуваат УНХЦР, МЗМП и ЗНМ.
Менторите во рамки на менторската програма ќе имаат за задача индивидуално да менторираат четири млади новинари/студенти по новинарство и да им помогнат во обмислување, креирање и финализирање на медиумскиот продукт. Од менторите се очекува да бидат достапни за физички и онлајн консултации со младите новинари и да ја следат и мониторираат нивната работа.
Предност ќе се даде на оние новинари коишто претходно имаат менторирано млади новинари, кои имаат долгогодишно искуство во креирање на медиумски продукти поврзани со бегалци, баратели на азил и лица без државјанство а особена предност ќе биде дадена на оние новинари кои што ја имаат добиено Наградата за професионално известување за состојбата на бегалците и лицата без државјанство.
Временска рамка:
Менторската програма е предвидена да започне кон крајот на месец април – почеток на мај и да трае 2 месеци до Светскиот ден на бегалците – 20 јуни 2024 година.
Услови за пријавување:
- Млади новинари вработени/ангажирани во медиум кој креира содржини во државатa;
- Студенти по новинарство на додипломски или на магистерски студии;
- За сите учесници – да се на возраст помеѓу 19 и 35 години.
- Предавачи
За новинари:
- Искуство во креирање медиумски содржини поврзани со бегалци, баратели на азил и лица без државјанство;
- Искуство со одржување едукативни работилници.
За психолози:
- Искуство во одржување работилници за поддршка и заштита на менталното здравје при работа со ранливи категории лица.
- Ментори
- Искуство во креирање медиумски содржини поврзани со бегалци, баратели на азил и лица без државјанство;
- Искуство во менторирање на млади новинари.
Начин на пријавување:
Заинтересираните лица за учество во менторската програма може да го искажат својот интерес со пополнување на формите достапниподолу, најдоцна до 15 април 2024 година, 23:59. Доколку имате потреба од дополнителни информации, обратете се на: orce_nikolovski@mof.org.mk или на 072 252 009.
- Пријава за студенти по новинарство/млади новинари
- Пријава за ментори – новинари
- Пријава за предавачи
МОФ го задржува правото да ги исконтактира само оние кандидати коишто ги исполнуваат условите. Лицата коишто ќе бидат избрани ќе биде ангажирани хонорарно преку Договор за авторско дело и исплатата ќе оди преку авторска агенција.
Повикот за учество во менторска програма за млади новинари е отворен во рамки на проектот „Ангажирање на младите за подобрување на наративот за луѓето за кои УНХЦР се залага” поддржан од УНХЦР.