За љубителите на авангардната џез музика, достапно е новото, 46-то по ред издание на „ПМГ Џез“ кој ни го претставува „Macedonian Free Society“, октет од современи џез музичари кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез и современа музика.
„Потребата за нов – креативен, (о)слободен, инспиративен а во исто време предизвикувачи израз добиен како резултат на соработка помеѓу извонредни автори и инструменталисти кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез и современа музика е токму поводот за креирање на еден ваков мега состав. Иновацијата во креирањето на музичко дело и изведба како резултат на поединечни музички преокупации и форми на израз на секој од членовите вткаени во предизвикувачка и квалитетна изведбена целина, е резултатот на овој современ ансамбл“, потенцираат од „ПМГ Џез“.
Од таму посочуваат дека неговите членови поединечно, или како дел од нивните матични состави, нижат признанија и награди во домашен и меѓународен контекст, и тоа: Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ, Нинослав Спировски, Владан Дробицки, Васко Бојаџиски, Драган Теодосиев, Глигор Кондовски и Благојче Томевски.
Сите овие музичари се дел од силната македонска слободна џез сцена, која изминативе неколку години е посебно витална и исполнета со изданија со меѓусебни соработки на музичарите.
Како што пишува Нанослав Спировски, еден од учесниците во проектот, тоа се должи на неколку крупни фактори. Прво, групирање и делување на неколкумина музички фанатици со слични музички вкусови и намери, и нивните неуморни обиди за вклучување на се’ поголем број на музичари со свој личен идентитет, дури и кога условите за тоа биле никакви.
„Второ, бројните концерти на ‘Скопје Џез Фестивал’ кои истите тие чудаци внимателно ги изгледале/ислушале и кои освен што им дале бескрајни уживања, сепак во поголемиот број на случаи го оставиле впечатокот дека и не сме баш така далеку од светот. Барем кога современиот слободен џез е во прашање. Трето, доста важен дел во спојката е раѓањето на дотогаш најновата инкарнација од веќе добро познатата ПМГ Рекордингс (PMG Recordings) или елегантно наречена ПМГ Џез (PMGJazz) и вложувањето кое во неа го имаат/имаа господата Владан Дробицки и за жал од неодамна прерано починатиот Мирко Попов. Комплетирање на мозаикот е плодот од делувањето на ПМГ Џез, кој ги зголеми условите за проширување на кругот на музичари, кои со истиот тој жар се приклучија во оваа македонска џез ренесанса и од чие присуство никнаа стотици други формални или неформални формации, кои како полудени жарат и палат се’ пред себе“, пишува Спировски.
Според него, доста важна улога почна да игра и се’ побројната публика, која како да откри нов вид на дрога, која дава толку силна возбуда, но притоа без никакви нарушувања по здравјето, што го прави нејзиното напуштање така непосакувано и тешко.
„И секако неколкумината најголеми поддржувачи кои од фанови прераснаа во помагачи, соработници и верни пријатели. Без сите нив опстојувањето би било многу потешко“, потенцира тој.
Најновиот производ од тоа богато движење, истоимениот албум „Macedonian Free Society“ што е инициран од Владан Дробицки, има пет теми е и достапен за преслушување, симнување и поддржување преку Бендкемп.
Концертната премиера на „Macedonian Free Society“ ќе се случи овој месец, 27 април, во склоп на претстојното издание на „Крај Вардарот џез фестивал 2024“.
Бојан Шашевски