Музејот на современа уметност во сабота, 13 април со почеток во 12 часот организира настан „МСУ Водич и Матине“.
Како што информираат од таму, со кустос водичот Бојана Јанева во просториите на Музејот ќе може да се погледнат две новоотворени изложби „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“ и самостојната изложба на светски познатиот уметник Јонас Стал – „Станица Пропаганда“.
Првата изложба проследува хронологија на настаните почнувајќи од 1963 година како нулта точка, преку формирањето на институцијата во 1964 година, изградбата и отворањето на Музејот во 1970 година, па до најактуелните изложби како меѓународната изложба „Сѐ што ни е заедничко“ и самостојните изложби на светски уметници.
„На изложбата покрај прегледот на визуелниот и документарен материјал, плакати, публикации, претставен е и избор од делата од колекцијата на МСУ-Скопје, меѓу кои оние на Марино Тартаља, Ханс Хартунг, Александар Калдер, Петар Лубарда, Душан Оташевиќ, Петар Хаџи Бошков, Јордан Грабул, Анета Светиева, Малгоржата Потоцка, Јован Шумковски, Христина Иваноска, Что Делат.“- велат од МСУ.
Втората изложба е на уметникот Јонас Стал. Тој е препознатлив по истражување на односот помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата, а неодамна ја доби и престижната награда за визуелни уметности „Prix de Rome“.
„Еден од главните елементи кои ја градат инсталацијата на Стал, специјално создадена за Музејот на современата уметност – Скопје е видео студијата ‘Пропаганден театар’ од 2023 година, преку која го сумира десетгодишното истражување за пропагандата. Ставот на уметникот е дека пропагандата не е само испраќање и манипулирање на некоја порака, туку има за цел да конструира нови реалности. Според Стал, пропагандистите немаат интерес да работат во рамки на постоечката реалност, туку сакаат да создаваат нови светови.“- додаваат од МСУ
Куратори на првата изложбата се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец а на самостојната изложба Ивана Васева.
„Веднаш потоа во 13 часот, како пропратен настан организираме Матине со диџеј сет, каде ќе можеме да се подружиме и да ги сумираме впечатоците од изложбите.“- изјавуваат од Музејот.
Од таму додаваат дека настанот се реализира со поддршка на „Тиквеш“.
Деталите за настанот може да ги најдете тука. Влезницата за двете изложби чини 150 денари.