На 23 април со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе балетскиот триптих „Молитви на моето тело“ инспириран од циклусот поезија со истоимениот наслов од поетот Ацо Шопов.
Како што информираат од НОБ, идејата за проектот и костимографијата се на Александар Ношпал, драматург е Соња Здравкова-Џепароска, кореографи се Ивана Коцевска, Адријана Данчевска, Саша Евтимова, музиката е на Дарија Андовска, Александар Гроздановски и Александар Пејовски, диригент при изведба е Сашо Татарчевски, сценограф е Михајло Стојановски, визуелен уметник е Флоријан Чанга од Албанија, камера и видеомонтажа на филм е Доријан Миловановиќ, мултимедија и графички дизајн, Лазе Трипков.
„Поезијата на Шопов односно истоимениот циклус поезија на сцената на Националната опера и балет ќе биде „прочитана“ со јазикот на танцот создаден од тројца македонски кореографи на музика на тројца македонски композитори и останатите уметници. Во формат на триптих, балетската претстава „Молитви на моето тело“ претставува 90-минутно креативно „сплотување“ на тим од тринаесет уметници, сценски пренесено од првенците, солистите и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет“, велат од НОБ.
Балетскиот триптих ќе се изведе во рамките на јубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал Танц Фест Скопје 2024.