Вечерва во 21 часот во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ премиерно ќе биде изведена претставата „Паника“ на финскиот автор Мика Мулуахо, во режија на Александар Ивановски.
Во претставата, која е дуо драма настапуваат Стефан Николовски како Лазе и Филип Христовски како Мики. Драматург на претставата е Катерина Момева а сценографија на Филип Коруновски а музиката е во избор на двајцата актери.
Како што објаснуваат од велешкиот театар, приказната е за двајца другари што се немаат видено долго време и после многу поминати години и патешествија во животот, тие се соочуваат еден со друг, си помагаат еден на друг, се провоцираат еден со друг, преку што избиваат нивните внатрешни конфликти.
„Во претставата се навлегува во најдлабоките теми на суштествувањето, прашања што го мачат секој човек кој сака да биде сакан и прифатен, а општествениот и социјален притисок наметнува стеги каде индивидуалниот идентитет се гуши, се преиспитува себеси, а преку оваа претстава сугерираме дека човек треба прво да се прифати таков каков што е, за да може да се промени. Играјќи си со жанровите, понекогаш нештата изгледаат многу трагично, а има мигови кога не ќе можете да се воздржите од смеење, поради суптилниот хумор што се провлекува низ целото дело и преку кој се релативизираат проблемите, се разобличуваат карактерите со нивните човечки мани, оправдувајќи ја нивната несовршена природа“, велат од театарот.