Вечерва во „Менада“ во скопската Стара чаршија во 18:30 ќе биде прикажан документарниот филм „Од Токио до Морава – Средба на еден Јапонец со Балканот“ (2009) во траење од 80 минути, во присуство на авторите, Беким Сејрановиќ, автор на сценариото и Моку Тераока, режисер.
Истата вечер ќе биде претставен македонскиот превод на романот „Поубав крај“ од Беким Сејрановиќ, во издание на „Блесок“, поддржано од преведувачката мрежа Традуки, која обезбеди и престојот на Сејрановиќ во Скопје, во соработка со издавачката куќа „Готен“.
Документарниот филм „Од Токио до Морава – Средба на еден Јапонец со Балканот“ е продуциран во 2009 година. Самите автори за филмот велат: „Се започна како виц – Босанец, Јапонец и Норвежанец тргнуваат на пат до Црното Море. Пловат по Сава, па по Дунав до местото каде што Морава се влева во Дунав, малку пред границата со Романија. Не успеваат да стигнат до Црно Море затоа што пребавно патуваат и патем премногу застануваат на одредени места. На патувањето им се случуваат разни згоди и незгоди и запознаваат најразличен народ, од обични луѓе до признати уметници, па сè до необични жители кои живеат крај реките. Приказната раскажува како тројца луѓе од различни нации го доживуваат Балканот, а сето тоа е забележано со стилската рака на режисерот Моку Тераока, кој порано никогаш не беше ни чул за Балканот.“
„Поубав крај“ следи две напоредни приказни. Првата е љубовна и е сместена во Норвешка; втората опишува што подоцна му се случува на протагонистот додека седи во една дрвена колиба во босанските планини, сеќавајќи се на минатото и прашувајќи се дали некогаш воопшто ќе може својот живот да го претвори во нешто убаво и среќно. Истовремено, животот несопирливо тече понатаму, донесува нови настани и на сцената воведува нови личности. Прашањето кои неодминливо се поставува е дали животот – тој постојан и незапирлив процес – може да биде обликуван во приказна со „поубав крај“?
Стилот на Сејрановиќ е среќна комбинација од балканска возбуденост и желба да се раскажува, и нордиска воздржаност и склоност кон концизен, ритмичен јазик. Сето тоа е зачинето со блага иронија и црн хумор, што на романот му додава дополнителен квалитет.
Беким Сејрановиќ е роден во 1972 во Брчко, Босна и Херцеговина. Неговото семејство се преселило во Риека, Хрватска, во 1985. Таму завршил средно поморско училиште и запишал Хрватска книжевност на Универзитетот во Риека. Поради југословенските војни, во 1993 година е принуден да емигрира во Норвешка, каде што и денес живее. Дипломирал Јужнословенски книжевности на Универзитетот во Осло (1999), каде работел и како предавач по Јужнословенски книжевности и по босански, хрватски и српски јазик од 2001 до 2006 година. Бидејќи има босанско потекло, а пишува на хрватски и има норвешко државјанство, се смета за босански-хрватски-норвешки писател и преведувач од норвешки. Ги објавил книгата раскази „Мавање“ (2002) и романите „Никаде, од никаде“ (2008) за кој ја добил наградата „Меша Селимовиќ“ за најдобар роман од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, „Подобар крај“ (2010), и „Сандали“ (2013).
Моку Тераока е роден 1971 година во Хирошима. Дипломирал скулптура од Академијата за уметности во родниот град во 1993 година, а со сликарство и филм почнал да се занимава во 2001 година. Пет години работел како режисер во една токиска телевизија. Потоа се посветува на патувањето и главно прави документарци за своите патувања. Изложувал во Сохо, Њујорк и добивал награди за своите скулптури. Неговата филмска и тв продукција опфаќа документарни филмови и музички спотови.