Како што се наближува овогодинешниот „Д Фестивал“, така од „Пасворд“ ги најавуваат и останатите музички имиња што од 28 до 30 јуни ќе бидат дел од четиринаесетотто издание на најголемиот фестивал под отворено небо, кој во Дојран за сите фестивалџии и кампери ќе понуди програма на неколку стејџови.
Палестинската диџејка Сама Абдулхади за прв пат доаѓа во Македонија, со тоа и прв пат на „Д Фестивал“. Како што велат организаторите, Сама е амблемот на палестинската андерграунд сцена и е една од првите диџејки и продуцентки на електронска музика што се појавуваат од тој регион.
„Во 2018 со својот дебитантски настап на Boiler Room веќе станува препознатливо име кај меѓународните обожаватели на техно сцената. Со нејзиниот сет достигнува до 13 милиони прегледи, споделуван е од многу големи и познати диџеи, а уште поимпресивно е тоа што во тој момент се пробива и надвор од својот регион. Сама сега важи за една од највозбудливите диџеи во светот! Таа со своите сетови ги има освоено бините на Coachella, Glastonbury, Fusion,Circoloco, Lost Village, Primavera, легендарната Dance Arena на Exit Festival“, посочуваат од „Пасворд“.
Исто така, на главниот стејџ за прв пат ќе пристигне и Дебора Де Лука.
„Со своите сетови на Cerclе, наполитанскиот стадион Maradona, сет снимен од најпрестижниот глобален магазин Mixmag достигнува повеќе од 30 милиони прегледи на Јутјуб. Врзете ги патиките, се гледаме на подиум“, велат од „Пасворд“.
„Пич Вајс“ се враќаат на „Д Фестивал“, но сега спремни да ја освојат главната сцена.
„Со хардрок-панк-метал-рокенрол-џез рифови спремни да ја треснат од земја публиката на овогодинешниот ‘Д Фестивал’. Наравоучение: Не смееш да го пропуштиш ова пичвајз шоу!“, се вели во соопштението.
„Санаториум“ е веќе познато име од македонската треш – метал сцена кој доаѓа „Д Фестивал“.
„‘Моторхед’, ‘Слеер’, ‘Халфорд’, ‘Соулфајл’ се само дел од најголемите метал имиња со кои ‘Санаториум’ ја делеле сцената. Со својата моќност и енергија се спремни да го освојат главниот стејџ и да ни направат едно незаборавно шоу“, соопштуваат организаторите.
Во однос на стејџот „Мosquito“, таму како дополнение е групата „Јин Јин“, кои се актуелни со нивниот трет албум „Mount Matsu“. Овие хиперкреативни музичари од Холандија го прават вистинскиот микс на психоделичен рок, фанк, диско и јужноазиски мелодии, досега пренесени во три албуми – патувања.
„Креативни мајстори кои веќе ја освојуваат Европа и ја фрлаат во светот на вистинска музичка авантура, а сега само за прв пат ќе танцуваме со нив под сонцето на ‘Д Фестивал’. Подгответе се за вистинско музичко патување кое нема да го заборавите!“, велат од „Пасворд“.
На т.н. „Smooth“ стејџ ќе настапува „Номад“, прогресивен рок бенд од Куманово, за кои организаторите посочуваат дека се трудат да ја задржат традиционалната музика, но да и дадат нов шмек во рок-метал стил.
„‘Море сокол пие’, ‘Митра мома’, ‘Мома оди за вода’ се само едни од преработените песни кои ќе ги слушнеме на ‘Д Фестивал’. Слушајте нова македонска музика на ‘Smooth’ стејџ“, стои во соопштението.
Понатаму, на истата бина ќе се качи Ем-Си Кејн, млад актист од Скопје. „Времеплов“ е неговиот прв албум кој е ретроспектива на главните делови од неговото детство. Исто така, на овој стејџ ќе настапува и ДемиџКонтрол, млад креативец кој ги слуша зградите на Скопје и ги пренесува нивните пораки преку вибрантни и размрдувачки битови, инспириран од новиот бран на подземен хип-хоп и експерименталната електронска музика. Воедно, овој стејџ ќе биде и местото да се гледаат и слушаат „Црно собрание“, бенд стартуван во скопската гимназија „Никола Карев“ како кавер состав, а сега веќе и со своја авторска музика.
Кога зборуваме за хип-хоп, сцената „LakeAwake“ ќе ги „вдоми“ диџеите Страјк, Гоце и Чваре.
Инаку, претходно на „Д Фест“ се најавени и застапничката на африканската култура Фатумата Диавара, популарниот кавер бенд „Нувел ваг“, потоа Лил Памп, бендот „Елементал“ од Хрватска, босандскиот реге-поп бенд „Зостер“, домашното рокенрол лудило „Корпорација Вагина“, а фестивалот повторно ќе биде активиран и стејџот „Shake D Lake“. Овде, во соработка со „Sure Shotz“, ќе настапуваат повеќе трапери како Хилјсон Мандела, Бакс, Ружно Паце, Бон Праскиза, Лука Чомбе, Булз, Шорти Пи, Ири Скреч, Огипилсон.
Бојан Шашевски