Во вторник (30 април) со почеток во 13 часот во паркот „Ибни Пајко“ ќе се одржи осмото по ред издание на целодневниот џез настан „Today It’s All About Jazz Vol.8“ со кој ќе биде одбележан Меѓународниот ден на џезот.
На настанот кој е во организација на Националниот џез оркестар ќе настапат нашите музичари, Сашко Николовски Септет, Гоце Стевковски – Богданци Реунион квартет и Џијан Емин и Магичниот оркестар. Покрај нив публиката ќе има можност да ги слуша и Фани Поса Квартет (Унгарија, Србија, Данска), Лана Јањанин Квартет од Хрватска и Карлос Сардуј Грув Месинџерс од Куба.
Како што информираат организаторите, пред настанот ќе има работилница наменета за деца од 3 години па нагоре. На работилницата, најмладите ќе имаат можност да се запознаат со музичките инструменти кои се користат во Националниот џез оркестар, како и да учествуваат во заедничка композиција.
„Оваа меѓународна манифестација, поддржана од Генералниот директор на УНЕСКО, Одри Азулеј, и легендарниот џез-пијанист и композитор Херби Хенкок, кој е амбасадор на УНЕСКО за меѓукултурен дијалог и претседател на Институтот за џез Херби Хенкок, секоја година поврзува заедници, училишта, уметници, историчари, академици и џез ентузијасти ширум светот да слават и да научат нешто повеќе за џезот и неговите корени, за неговата иднина и влијание, истакнувајќи ја потребата од меѓукултурен дијалог и меѓусебно разбирање, и зајакнување на меѓународната соработка и комуникација“, велат организаторите и додаваат дека секоја година на 30 април џезот како меѓународна уметничка форма е алатка за промовирање на мир и дијалог меѓу културите.
Повеќе детали за настанот може да најдете тука.