Универзитетот Колумбија ги продолжи часовите на далечина на главниот кампус во Њујорк до крајот на семестарот, поради тензичните протести за војната во Газа кои се се случуваат на колеџите низ САД.
Хибридната настава доаѓа откако некои студенти пријавиле антисемитистичко вознемирување додека се на кампус.
Околу 133 студенти беа уапсени во понеделникот за време на протестите на Универзитетот на Њујорк.
Десетици апсења исто така имаше на Јеил, додека Харвард го ограничи пристапот до кампусот.
Демонстрации имаше и на универзитетите во Средниот запад и на Западниот брег, каде еден од кампусите беше затворен.
Девет студенти во Минеаполис беа уапсени во вторникот наутро додека се обидуваа да подигнат протестен камп пред библиотеката во кампусот на Универзитетот во Минесота.
Во вторникот неколку стотици демонстранти се собраа во близина на кампусот на Универзитетот на Њујорк во паркот Вашингтон Сквер.
Толпата извикуваше „срамота, срамота“ и демонстрантите ја критикуваа полицијата на Њујорк и универзитетските администратори.
Универзитетот на Њујорк во понеделникот ја повика полицијата да го разбие протестот откако универзитетските претставници претходно ги предупредија демонстрантите да си заминат.
Тие ја обвинија групата демонстранти за кршење на училишните барикади и кажаа дека се однесуваат на „неуреден, нарушувачки и антагонизирачки“ начин.
Дилан, студент на Универзитетот на Њујорк за „Би-Би-Си“ изјави дека администраторите „се обидуваат да го превртат сценариото и да кажат дека ова е нарушувачки и антагонизирачки протест“.
Од Универзитетот Колумбија кажаа дека протестниот камп на универзитетскиот кампус е во спротивност со правилата.
„Студентите на Колумбија имаат право да протестираат, но не и да го нарушуваат животот на кампусот или да ги вознемируваат и заплашуваат студентите и членовите на нашата заедница“, изјави потпаролот за медиумите, но не даде никакви детали за дисциплинските мерки.
Еврејските студенти изразија загриженост за антисемитизмот околу кампусот на универзитетот.
Претседателот Џо Бајден во понеделникот изјави дека ги осудува и „антисемитските протести“ и „тие кои не разбираат што се случува со Палестинците“.