Кандидатите Гордана Силјановска Давкова, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски од СДСМ ќе се соочат во вториот круг од претседателските избори.
Ова доаѓа откако тие освоија најголем број гласови, од пребројани 3.349 од 3.508 избирачки места според податоците на Државната изборна комисија, односно Силјановска Давкова која освои 348.452 гласови, двојно повеќе од Пендаровски кој освои 173.034 гласови.
По изборите, Силјановска Давкова им се заблагодари на граѓаните за поддршката и најави ист пристап и во вториот круг.
Пендаровски пак истакна дека не очекувале вакви резултати и порача дека од утре повторно почнувале со средби со граѓани кои ги практикувале досега и дека практичнo сега почнувале од нула.
Од останатите кандидати, Бујар Османи освои 115.921 гласови, Арбен Таравари 81.395 гласови, Максим Димитриевски 76.481 гласови, Билјана Ванковска 39.507 гласови, а Стевчо Јакимовски 7.876 гласови.
Гласачкото право на изборите, според податоците за излезност на ДИК до 18:30 часот го искористија 828.402 гласачи (48.38%(, односно 8.67% повеќе од минатите претседателски избори.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски оцени дека изборниот ден минал мирно, а граѓаните гласале достоинствено.
Вториот круг од изборите ќе се одржи на 8 мај, заедно со парламентарните избори.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес конференција по завршувањето на изборите посочи дека изборниот денот поминал во безбедна, мирна и демократска атмосфера.
Евидентирани биле 12 случаи на фотографирање на гласачко ливче, 2 случаи на кинење на гласачкото ливче, 6 пријави за нудење поткуп и 15 пријави за агитирање.
Врз основа на претходно поднесени пријави, Тошковски рече дека МВР регистрирало 6 прекршоци и дека ќе бидат поднесени и 2 кривични пријави. Една за кривично дело „Повреда на тајноста на гласањето“ по член 163 од КЗ и една за „Повреда на избирачко право“ предвидено и казниво согласно член 159 од КЗ.
Од Јавното обвинителство пак, соопштија дека во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса на Јавното обвинителство izbori@jorm.mk не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите.
Во меѓувреме од Здружението на новинари информираа дека ќе достават претставка за попречување на работата на новинарката Мери Јордановска од новинската агенција Мета.мк до Државната изборна комисија.
Ова беа седми по ред претседателски избори на кои граѓани непосредно го бираат шефот на државата.