Со концерт на дуото „Син пустиње“, Младинскиот културен центар во Битола по 10. пат ќе го одбележи Меѓународниот ден на џезот, 30 април.
Концертот ќе започне во 22 часот во кафе бар Порта Џез во Битола.
„’Син пустиње’ е поетско-музичка авантура на двајца уметници од Сараево (БиХ), поетот и прозаист Ахмед Буриќ, на кој му се придружува пејачот, инструменталист и истражувач на Севдах Дамир Имамовиќ. Во проектот се познатиот гитарист Тони Китановски (МКД) и Иван Михајловиќ (СРБ) на бас. Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведуваат дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други ставки кои на изведбата во живо му даваат комплетна форма и атмосфера“, се вели во најавата.
Истиот ден, со почеток во 17 часот во кафе барот Порта Џез во Битола, гитаристот Тони Китановски ќе одржи мастерклас на тема „Џез – музика на човековиот род“.
Влезот за настаните е бесплатен.
Овој концерт по десетти пат ќе ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира.
Настаните се организираат во партнерство со Порта Џез и со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.