Во вторник (30 април) со почеток во 12 часот, во кафе барот Порта Џез во Битола ќе биде поставена изложбата на уметничка фотографија „Импровизации“ на Глигор Кондовски.
Како што информираат од Младинскиот културен центар – Битола (МКЦ – Битола), изложбата е посветена на мултимедијалниот македонски уметник, продуцент и автор Мирко Попов, а фотографиите се направени од фестивалите: ПМГ Рекордингс и Крај Вардарот Џез.
„Во својот најнов фотографски опус, реномираниот режисер и фотограф Глигор Кондовски приоѓа апстрактно. Изнаоѓајки визуелни решенија надвор од границите на дотогашните индивидуални и глобални фотографски тенденции, тој ги поместува своите внатрешни граници и ја ослободува вештата рака. Во таа целосна слобода и предаденост во самиот чин на фотографирање, флуидноста на уметничкиот момент го носи во најсовремен фотографски израз. Фотографијата не е повеќе фотографија, таа е цртеж и слика. Преодот на ова високо фотографско ниво е свесно обмислен, а не просто-интуитивен, иако неговиот фотографски инстинкт никогаш не може да го излаже“, велат од МКЦ – Битола.
Проектот на МКЦ-Битола, Урбана Агенда – поддршка на независната културна сцена е финансиран од Швајцарската Амбасада во Скопје.