Во втората половина на месец април, театарот „Боеми“ од Скопје реализира проект – театарска претстава, дискусии и истражување, со цел да се подигне свеста за кохезивно и инклузивно општество, особено за надминување на сите видови конфликти во училиштата.
Проектот се реализира во општините Кисела Вода, Гази Баба и Куманово.
„Со проектот се третираат манифестациите на насилниот екстремизам и неговите форми во училиштата во опфатените општини. Младите се најподложни на влијанија и потребата од сензибилизирање на локалната заедница, локалните власти, локалниот бизнис, родителите и вкупното опкружување е од клучно значење за успех. Живеејќи во опасно време, каде што социјалните медиуми ги прават најопасните феномени достапни за младите, војната во Украина и во Израел, масакрот во основното училиште во Србија, сето тоа е опасен ‘квасец’ кој ако падне врз погодно тло, може да резултира во исклучително опасна реакција. Во оваа смисла, отворањето на спонтаната, но целoнасочена дискусија за надминување на сите видови на конфликти во училиштата е од клучно значење за зајакнување на локалната средина и создавање на отпорно кохезивно и инклузивно општество“, велат од театарот „Боеми“.
За успешно третирање на проблемите и потребите на младите луѓе, посочуваат тие, се спровело и научно истражување, кое било вовед во главните активности на проектот и врз основа кое било искреирана а потоа и изведена претставата, пропратена со дискусија и соодветни заеднички заклучоци.
„Она што младите луѓе го гледаат, чувстуваат и доживуваат преку учеството во уникатната претстава базирана на пристапот ‘форум театар’ трајно и позитивно ги менува нивните погледи, разбирања, сваќања и однос кон горенаведените општествени аномали. Со проектот се опфатени ученици од осмо и деветто одделение од основните училишта и од прва и втора година од средните училишта“, посочуваат од „Боеми“.
Автор и режисер на претставата и автор на научното истражување кое е составен дел на проектот е д-р Нелко Нелковски, а во шоуто учествуваат и актерите Ердоан Максут, Пируника Киселички, Радо Алексовски и Изабела Јакимова. Составен дел на шоуто е и задничката изведба од страна на актерите и публиката на химната на проектот со наслов „Насилството се лечи со Љубов“, што е наслов и на претставата.
Покрај трите досегашни општини, шоуто континуирано ќе продолжи да се изведува и во сите други општини во земјата.
„Обработката на податоците од научното истражување е во завршна фаза и промоцијата на научната студија се очекува да биде во средната на месец јуни, со што ќе заврши реализацијата на овој проект“, посочуваат од „Боеми“.
Проектот „Хепи Хипо Шоу – за кохезивно и инклузивно општество“ е имплементиран од Здружението на граѓани Театар „Боеми“ – Скопје, а финансиран од програмата за доделување грантови на проектот „Активно вклучување и влијание на сите актери во превенција и спротивставување на насилен екстремизам во Северна Македонија” финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе „Отворена Порта“ и Здружението „Хуманост“.