Универзитетот Колумбија почна да ги суспендира пропалестинските студентски активисти кои одбија да го напуштат протестниот камп во кампусот во Њујорк, откако престижната институција објави застој во преговорите за ставање крај на демонстрациите, пренесува Радио Слободна Европа.
Претседателката на Универзитетот Немат Минуш Шафик објави дека неколкудневните преговори помеѓу студентите и универзитетските лидери не довеле до отстранување на десетиците шатори поставени од студентите за да го изразат своето противење на израелската војна во Газа.
До судирот со демонстрантите во Колумбија, во време кога протести поврзани со Газа во последните неколку недели ги зафатија универзитетските кампуси ширум САД, дојде откако полицијата на Тексашкиот универзитет во Остин уапси десетици студенти кои беа испрскани со пепер спреј на пропалестински протестен собир.
Универзитетот вчера испрати писмо во кое се предупредува дека студентите кои нема да го напуштат кампусот до 14 часот и потпишат формулар дека ќе ги почитуваат правилата на универзитетот, ќе се соочат со суспензија и одземање на правото за завршување на семестарот.
„Почнавме да ги суспендираме студентите како дел од следната фаза на напорите за обезбедување безбедност на нашиот кампус. Шаторите создадоа непријатно опкружување за многу наши еврејски студенти и професори и бучава што ги попречува предавањата, учењето и подготовките за завршните испити“, рече портпаролот на универзитетот Бен Чанг.
Претходно, Шафик рече дека Колумбија нема да се откаже од финансирањето поврзано со Израел, што е клучно барање на демонстрантите. Наместо тоа, таа понуди универзитетот да инвестира во здравството и образованието во Газа и потранспарентни директни инвестиции од универзитетот.
Демонстрантите ветија дека ќе останат во кампусот на Менхетен се’ додека тие не исполнат три барања – промени во инвестициите, транспарентност во финансирањето на универзитетите и амнестија за студентите и професорите кои се дисциплинирани за нивната улога во протестите.
„Овие одвратни тактики на заплашување не значат ништо во споредба со смртта на повеќе од 34.000 Палестинци. Нема да попуштиме додека Колумбија не ги исполни нашите барања или не бидеме насилно отстранети“, рекоа лидерите на Коалицијата на студенти на универзитетот.