Вкупно 237.832 граѓани или 13.66% гласале за парламентарните избори до 11 часот од обработени 95.92% од избирачките места, според податоците на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК).
Најголема излезност има во третата изборна единица, односно 17.59%, по што следува четвртата изборна единица со 15.34%, првата изборна единица со 14.82%, втората изборна единица со 13.31%, петтата со 13.22%, додека најмала излезност има во шестата изборна единица 8.59%.
Во меѓувреме, излезноста до 11 часот на претседателските избори, според 95.47% од обработени избирачки места, е нешто помала, односно 12.53%. Досега, на претседателските избори гласале 221.070 гласачи, според податоците на веб-страницата на ДИК за следење на резултатите во живо.
Најголема излезност има во Крива Паланка каде гласале 4.618 лица, односно 27.99%. Во апсолутни бројки пак, најмногу гласале во Битола, односно 13.151 гласачи – 17.42%.
Најмал број на гласачи има во Липково, каде во апсолутни бројки гласале само 457 луѓе или 1.76%.
Гласањето трае до 19 часот.
Изборни нерегуларности можат да се пријават до Државната изборна комисија на телефонскиот број 0800 555 44. За било каква повреда на избирачкото право, граѓаните можат да се обратат и до Народниот правобранител на телефонскиот број 0800 54321, а освен преку телефон, граѓаните ќе можат да пријават и во главната канцеларија во Скопје, која се наоѓа на улица „Македонија“, број 19.
Денеска се одржуваат единаесеттите парламентарни избори и вториот круг од претседателските избори