Гордана Силјановска Давкова ќе стане првата претседателка на Македонија, откако денеска, според 95.55% од обработените избирачки места освои 531.758 гласови на претседателските избори кои се одржаа заедно со парламентарните избори.
Разликата помеѓу кандидатката поддржана од партијата ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот поддржан од СДСМ Стево Пендаровски е 292.165 гласови, односно Пендаровски освои 239.593 гласови.
Силјановска Давкова на прес-конференцијата порача дека ќе биде претседател на сите, без разлика на етничка или партиска припадност.
„Тврдам дека од овој момент овде, јас ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани, на сите етнички групи, на членови на партии, на оние кои не се во партии, бидејќи не може еден претседател особено не ако е жена да обединува и да трага по единство ако држи партиски линии“, рече Силјановска Давкова.
Таа најави дека во претседателскиот кабинет ќе се опкружи со жени слични на себе и со тоа ќе го започне реформскиот процес.
Во меѓувреме, кандидатот поддржан од СДСМ Пендаровски го призна поразот и им честиташе на победниците.
„Резултатите се јасни и немам намера подетално да ги образложувам. Согласно резултатите што ги водовме досега, сакам да им честитам на победниците и да им посакам успешна работа во следните четири години, односно пет години“, рече Пендаровски
Во првиот круг од претседателските избори кој се одржа на 24 април, Силјановска Давкова освои 363.085 гласа или 40.09% односно, 182.586 гласа повеќе од Пендаровски кој освои 180.499 гласа или 19.93%.
ВМРО-ДПМНЕ со убедлива победа и на парламентарните избори
59 пратеници од коалицијата „Твоја Македонија“ предводени од ВМРО-ДПМНЕ ќе влезат во новиот парламентарен состав, според симулацијата на мандати на веб-страницата на Државната изборна комисија, согласно обработени 96.43% од избирачките места.
По нив, според симулацијата следува коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ со 19 мандати. Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ пак би освоила 18 мандати, додека коалицијата Вреди 13 мандати. Исто така, 6 мандати би освоила партијата Левица, а 5 мандати движењето ЗНАМ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски порача дека ова е историска победа на Македонија и на народот
„Победи Македонија која е на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, на гордиот народ кој покажа решителност и смиреност. Падна Владата во Македонија. Има причина за тоа. Криминалот, корупцијата, неспособноста, лажните вредности, одземената држава, тендерите, непотизмот и уште стотина други последици кои направија државата да страда, а народот да е разочаран“, рече Мицкоски.
Тој најави дека новата Влада ќе се формира во најкраток можен рок и во транспарентен процес.
Претседателот на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски пак, оцени дека изборниот резултат е разочарувачки и рече дека на партијата и е зададен тежок удар.
„Во наредниот период детално ќе ги анализираме овие резултати, посериозно да го најдеме изворот и причините за овој поразителен исход“, рече Ковачевски.
Тој најави дека ќе биде свикан и отчетен конгрес на партијата, на кој, како што кажа, ќе се разгледаат причините за изборниот резултат и за работењето на партијата во периодот од 2020 до 2024 година и ќе се одредат роковите за консолидирање на СДСМ.
Изборниот ден помина генерално мирно
Според техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, овие избори биле можеби најмирните, најдемократските и најфер избори кои досега се случиле, особено од безбедносен аспект.
„Во рамки на надлежноста на МВР не се констатирани посериозни прекршувања на изборниот процес во текот на целиот ден, така што сакам да им се заблагодарам пред сè на македонските полицајци“, рече Тошковски.
Исто така, дополнителниот заменик-министер на МВР, Митко Бојмацалиев истакна дека денеска граѓаните можеле слободно да го изразат своето право да гласаат и исто така истакна дека изборите поминале во мирна, фер и демократска атмосфера.
„Македонската полиција и овој пат беше на висина на својата задача и ги створи сите предуслови за денешниот ден да се одржи во еден демократски чин“, рече Бојмацалиев.
Од Јавното обвинителство (ЈО) соопштија дека до затворањето на избирачките места, изборниот ден поминал генерално без поголеми нарушувања на гласањето и пријави за изборни инциденти.
„Од информациите добиени од јавните обвинителства во државава, во ОЈО Кавадарци оформен е предмет по поднесено известување против лице од Неготино кое било пријавено од граѓанин за кривично дело – Повреда на слободата на определување на избирачите од член 160 од Кривичниот законик. Според наводите, пријавената телефонски се обидела да влијае кај пријавителката да гласа за една политичка партија, напоменувајќи дека е корисник на ИПАРД помош. Предметот е во предистражна постапка и се преземаат дејствија за да се утврди дали постојат елементите на пријавеното кривично дело или друго кривично дело кое се гони по службена должност“, соопштија од ЈО.
Во ОЈО Кочани, тие соопштија дека се примени известувања од МВР за пријавени настани поврзани со организирано носење на гласачи на избирачко место. Јавен обвинител за тоа дал насоки за проверка и прибирање податоци дали при превозот на каков било начин им се влијаело на гласачите во врска со остварувањето на нивното гласачко право.
Ова беа единаесеттите парламентарни избори по ред, како и седми претседателски избори од независноста на Македонија.
Мартин Колоски