Неформалното здружение „Дума ин Сума“ организира изложбата на фанзини кои се резултат на работилницата за креативно пишување „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“ што се одржа во МКЦ Битола на 17 март.
Изложбата ќе се одржи во сабота (11 мај) во 12 часот напладне пред кафулето „Улаф сте“ крај Драгоро и ќе биде отворена за посетителите и случајните минувачи кои ќе имаат можност да ги разгледаат и да земат примерок од фанзините преку кои ќе се споделуваат прозни и поетски дела напишани од млади.
„Влезете во приказните на Бојана, Сара, Михаела, Мирјана, Марија, трите Анастасии и Дамјан кои беа извлечени од нивната имагинација за време на работилницата за креативно пишување. Прелетавме од антиката па сѐ до постмодернизмот, по пат сретнувајќи ја Афродита, Херкулес, Ромео и Јулија, Фауст… Напишавме заедничка поема, а секој ученик напиша свое прозно или поетско авторско дело, во кое ја раскажа приказната за својот книжевен лик. Потоа со помош на вештачка интелигенција, книжевните ликови создадени од стилата на учесниците, се манифестираа крај Драгоро… Без разлика дали ќе кликате преку QR кодовите или ќе земете фанзин, дојдете да се дружиме и да споделиме кирилица <3“, се вели во најавата за изложбата.
Неформалното здружение за култура, „Дума ин Сума“ е создадено од филолозите по општа и компаративна книжевност – Ивана Смилевска и Марија Бошковска. Уметникот Дарко Алексовски визуелно ги пренесе напишаните текстови во мали, шарени книгички – фанзини.
Фанзинот е неофицијално издание, создадено ентузијастички и панкерски, по „направи сам“ техника. Фанзините се користат за споделување идеи и креативно изразување.
Изложбата се реализира во соработка со Младинскиот културен центар во Битола. Работилницата за креативно пишување се одржа во рамки на проектот Урбана Агенда – поддршка на независната културна сцена кој е финансиран од Швајцарската амбасада во Скопје.
Работилницата „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“ се одржа и во Скопје по што следуваше изложба на фанзините од оваа работилница.