Во скоро секој македонски град и во секое село, во центарот и на перифериите, има напуштени куќи, хотели, цркви, фабрики, училишта, летувалишта, планинарски домови, железнички станици и возови, авиони или базени. Станува збор за социјални свртувалишта, културни богатства или значајни спомени на многу генерации кои сега веќе се загушени во прашина од рушевини, заглавени во времето и заборавени од, речиси, сите.
Една од оние што не забораваат што се случувало во нив е Мариана Цветкоска, девојка од Прилеп. Таа уште од дете ги истражува старите напуштени објекти и архитектури. Особено што, вели таа, таму некој живеел, било полно со живот, со хармонија, а сега ништо не останало.
„Многу би сакала да се реконструираат, да се вратат во правобитната состојба, да бидат такви какви што биле некогаш, а не да се оставени на забот на времето и да пропаѓаат… Жално е да се гледа една таква слика во центарот на Скопје, а и било каде. Колку и да сакам такви објекти, тоа за мене е многу жално. Зошто таква убавина е оставена сама на себе кога може да се изгради и да има живот во неа?“, прашува Цветкоска.
Таа пред четири години го креира Инстаграм профилот „abandoned_macedonia“ за да ги објави сите свои авторски фотографии од вакви градби на едно место, неочекувајќи дека така ќе инспирира многумина да почнат да истражуваат, документираат и да ѝ испраќаат фотографии од напуштени објекти ширум Македонија.
„Голем број луѓе го делат мојот интерес. На Инстаграм добивам многу позитивни коментари, имам речиси осум илјади следбеници, реално не очекував толку луѓе што ги сакаат истите работи. Често ми изразуваат поддршка, ми велат дека кога ќе видат напуштено место ги потсетува на мене, па сликаат и ми праќаат. Некои сакаат и да дојдат со мене кога истражувам“, раскажува Цветкоска.
Најчесто, таа на напуштени места оди со намера да ги види и истражи, но понекогаш ги наоѓа и случајно. Не влегува секаде, а доколку влезе не го прави тоа сама. Разгледува на лице место, фотографира, а потоа ги анализира сликите и си прави шема за тоа како изгледало пред да се напушти, за тоа како се живеело порано.
„Како мала ме носеа на одмор во Враништа, во Струга, таму имаме стара куќа од баба ми. Внатре сите работи се стари, мириса на старо, на отстоено, се знае порано како се живеело. Јас се заљубив во таа куќа и оттогаш ми се разви љубов кон стари куќи и објекти, порасна во хоби и ги истражувам цело време, само порано немаше Инстаграм за да објавувам. По таа куќа, кога и да сретнам нешто слично, пак се заљубувам, сѐ ме навраќа таму. Ме привлекува историјата, мистеријата, помислата дека некој живеел на местото. Не дека во куќата имаше некоја мистерија, но имаше стари предмети кои предходно никогаш не сум ги видела, ниту сум знаела дека постојат“, раскажува Цветкоска.
Таа досега има посетено над 200 напуштени места и вели дека за неа секое е посебно и предизвикало различно чувство. Некаде чувствувала немир и тешка енергија, додека пак на други места мир и спокој.
„Кога појдов во фабриката ‘Купрум’ во Хром (во Скопје), се почувствував како во Чернобил. Толку негативно се чувствував, толку лошо, не можам да објаснам. Додека пак, кога работев во Германија, во близина имаше напуштена вила и буквално секој ден после работа ја посетував и седев во дворот, се одмарав. Внатре беше заклучено и не можев да влезам. Многу убава енергија имаше вила Балтик“, се присетува авантуристката на своите експедиции.
Првата ваква експедиција во нејзиниот животот била многу одамна, кога одлучила дека едноставно мора да појде во напуштен ресторан на езерото Треска. Глетката внатре, благо кажано, била страшна. Цветкоска вели дека уште многу места ја чекаат за да ги посети, но има и такви на кои би им се вратила да ги доистражи.
„Би се вратила и во кампот Треска, во село Радожда, тоа е прекрасно место. Жално е ептен која грда глетка ја има внатре, а од другата страна прекрасен поглед на Охридско Езеро. Тоа дефинитивно треба да се обнови. Исто така и хотел ‘Европа’, сѐ уште го немам посетено лично, а многу сакам. Многу е убав, мене дури и вака напуштен ми е убав“, вели авантуристката.
Според неа, најинтересниот дел од ова хоби се оставените предмети кои можат да се пронајдат внатре во објектите. Никогаш не зема ништо со себе бидејќи, како што вели, тие си припаѓаат таму.
„Чудно ми е како некој оставил лични предмети, алишта, а најчесто книги. Зошто тој некој кој ја напуштил куќата би оставил такво нешто? Сепак тоа е значајно. Можеби ги оставиле поради сплет на околности? Јас многу се врзувам за предмети и би се вратила да го земам, сепак тоа е дел од мене“, воочува таа.
Дополнително, раскажува дека урбаните истражувачи во другите земји имаат многу повеќе места за истражување, дека има цели трговски молови, автобуски, огромни хотели, замоци, ресторани „Мекдоналдс“ и разни други објекти. Таму, пред сѐ, го прават ова за авантура и адреналин и влегуваат во забранети, заклучени места од прозори, кровови, било како, снимаат, а се вклучуваат и во живо.
„Внатре е баш да се запрепастиш. Оставена храна, облека, мебел… Пример, отвораат фрижидер и тој полн. Како тоа некој би го оставил? Замоците ми оставаат најголем впечаток. Внатре има сешто, цели брендирани гардеробери, сум се чудела како. Сѐ така оставено, што требало толку да се случи за некој сето тоа да го остави така, за целиот живот да си го оставиш внатре и да заминеш?“, вели истражувачката.
View this post on Instagram
Понекогаш во животот нема услови за враќање, а понекогаш ниту желба. Според Цветкоска, дел од напуштените куќи во Македонија припаѓаат на луѓе кои се иселиле во странство и не сакаат да се вратат.
„Има две многу стари куќи во Прилеп, многу убави, винтиџ стил, едната од нив е пред распаѓање. Сопственците рекле дека заминале во странство и не сакаат да се вратат, а куќата е така оставена и се распаѓа сама. Кога би имала можност би ја зела да ја направам“, истакнува таа.
Дополнително, посочува дека доколку куќата нема сопственици ја зема градот или државата и кога се случува тоа би требало да се зачува како културно наследство, а не да ја остават така. Доколку пак, куќата не е оставена да гние, ја рушат и прераснува во зграда. Според Цветкоска ова е голем проблем и треба сите заедно да се бориме да не биде така.
„Треба доколку би можеле да се вратат во првобитната состојба, или барем да се зачуваат такви какви што се сега, да не се туркаат, да не се градат згради на нивните места. Да бидат потсетник, спомен на некогашното време. На пример, замокот во Црниче го турнаа, а можеа да го остават“, заклучува оваа љубителка на стара архитектура.
Во иднина таа сака да посети и друга земја и да сподели искуства со други урбани истражувачи, да направи изложба, а и да напише книга на оваа тема. Им порачува на сите кои уживаат во ова и го делат нејзиниот интерес да истражуваат и кога таа не може, да ѝ испраќаат фотографии, слободно да ѝ пишуваат за било што и да ѝ се приклучат во истражувањата.
Ангела Петкова