Американскиот вокален џез музичар Курт Елинг и Националниот џез оркестар во Македонија најавуваат заеднички концерт кој ќе се одржи на 15 мај (вторник) во Македонскиот народен театар (МНТ) со почеток во 20 часот.
Диригент на концертот ќе биде Џијан Емин.
Курт Елинг е двократен добитник на Греми награда. За него „Њујорк Тимес“ ќе напише дека токму тој е „извонредниот машки џез-вокал на нашето време.“
Во 2012 година е прогласен за прв почесен џез амбасадор на Шлезискиот џез фестивал во Полска, а добитник е и на германската награда Ехо џез и Шкотската награда за џез – меѓународна категорија. Во 2013 година е прогласен за Меѓународен џез -изведувач на годината на доделувањето на наградите Jazz FM Awards.
„Доколку на првите албуми композициите повеќе наликуваат на класичните џез стандарди, звукот на Елинг во последните години добива димензија плус, внесувајќи екстраваганција во музичкиот израз и експериментирајќи со класичните џез музички форми“, пишува во соопштението за концертот.
Билетите за концертот може да се набават online на Мк Тикетс и на страната на МНТ, како и на билетарницата на МНТ.