Македонската филхармонија го најавува концертот „Искра“ кој ќе се одржи на 16 мај (четврток) со почеток во 20 часот. Како солист, овој пат ќе настапи еден од најуспешните црногорски и европски виолинисти Роман Симовиќ, моментно концерт-мајстор на реномираниот Лондонски симфониски оркестар, Марински театар и Минхенската филхармонија.
Симовиќ ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр.1 од најзначајниот руски симфоничар Димитриј Шостакович, дело кое му го посветил на прочуениот Давид Ојстрах.
Оваа вечер, на програмата се и Адаџото од гудачки квинтет во F-dur од австрискиот музички гениј Антон Брукнер, како и Симфонијата бр. 5, оп. 55 во b-moll од Александар Глазунов наречена „Херојска“, опишана како „архитектонска поема“.
Маестро Даниел Рајскин (1970) е познат како предводник на младата генерација музичари, ставајќи голем акцент на неговите толкувања за музиката коишто ги прави на мошне транспарентен начин, откривајќи ја структурата на едно дело до сите детали, наоѓајќи го поттекстот, вистинската рамнотежа на звукот и енергијата што тоа ја поттикнува кај изведувачите. Од 2005 година, Рајскин станува шеф-диригент на Рајнската филхармонија, а од 2008 на „Артур Рубинштајн“ – филхармонијата во полскиот град Лоѓ. Познати се неговите ангажмани како диригент на опери, вклучувајќи ги и редовните настапи со „Кармен“ за холандската компанија „Opera Zuid“ во режија на Каликсто Биеито (2006/2007) или „Нос“ од Шостакович во Државниот театар во Кобленц (2010). Рајскин соработува со врвни уметнички имиња како Иво Погорелиќ, Џулијан Рахлин, Миша Мајски, Ланг Ланг, Мидори, Даниел Милер-Шот.
Симовиќ како солист, настапувал со ансамбли како Лондонскиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на театарот Марински од Русија, Камерниот оркестар „Франц Лист“ од Унгарија, Камерата Берн од Швајцарија, Камерата Салцбург од Австрија, Филхармонијата на Прага итн., со диригенти како што се Валери Гергиев, Антонио Папано, Даниел Хардинг, Џанандреја Носеда, Кристијан Јарви. Со семејството емигрирал од Украина во 1991 година. Студирал на Академијата во Цетиње, а со стипендијата којашто ја добил од државата заминал во Москва на постдипломски студии, кога почнала и неговата сериозна уметничка приказна. a