Во пресрет на 14. издание на Филозофскиот филмски фестивал, денес (14 мај) ќе се одржи бесплатна проекција на документарниот филм „Во огледалото на Маја Дерен“ во режија на Мартина Кудлачек.
Проекцијата која е дел од Придружната програма на Фестивалот ќе биде во Музејот на современата уметност во 19:00 часот.
„Филмот е инспириран од оглас објавен во рамките на киноархивот „Антологија“ (Anthology Film Archives) од страна на Јонас Мекас за систематизирање на депонираните филмски материјали на Маја Дерен, а режисерката Мартина Кудлачек одлучува да се впушти во документаристичко истражување на повеќеслојното филмско наследство на Маја Дерен. Документарниот филм ја исцртува биографската територија на Маја Дерен преку интервјуа со блиски познаници и соработници, воедно и важни актери во поствоената американска уметничка сцена. Покрај инсерти од филмовите на Маја Дерен, филмот вклучува архивски материјали од нејзините предавања, работилници, материјали од етнографските истражувања на Хаити и практиките на вуду, преку кои го доближуваат контекстот, филмската филозофија и метод на пионерката на авангардниот филм“ се вели во најавата.
Организаторите информираат дека поголемиот дел од Придружната програма на Фестивалот е посветен токму на Маја Дерен, авангардна американска режисерка, чијшто уметнички ангажман придонесува кон етаблирањето на експерименталниот филм како легитимна уметничка форма.
„Имено, во рамките на Главната програма на Фестивалот (7-13 јуни) ќе бидат прикажани шест од нејзините видео есеи. Воведно излагање за филмот ќе има македонската уметница и селекторката на програмата за видео есеи на Фестивалот, м-р Ивана Мирчевска“, најавуваат од Филозофски филмски фестивал.